Деветдневен штрајк на белгиските железничари


– Во организација на два синдиката на железничарите во Белгија од денеска започнуваат „ротирачки штрајкови“ на вработените во белгиската железница СНЦБ, што вкупно ќе траат девет дена, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Штрајкот на Самостојниот синдикат на железницата (ОВС) почнува вечерва во 22 часот и ќе трае до 22 часот на 2 март, додека оној во организација Белгиската автономна унија на машиновозачите (АЦТБ-САЦТ) стартува в недела, исто така, во 22 часот во недела и ќе трае до 28 февруари. 

Терминот „ротирачки штрајк“ значи дека сите вработени во железницата нема да штрајкуваат истовремено, туку прекинот на работа ќе биде по сектори. Така, во понеделник и вторник ќе штрајкуваат машиновозачите, во среда и четврток кондуктерите, а во петок сигналните работници, одржувачите на пруги и повторно машиновозачите. Саботите се резервирани за штрајк на сигналните работници, одржувачите на пруги и хигиеничарите на вагоните, додека штрајкувањето во неделите е оставено на индивидуален избор на вработените. 

Штрајкот, меѓу другото, се организира поради незадоволството на вработените во железницата од плановите на белгиската Влада за зголемување на возраста за пензионирање за машиновозачите и кондуктерите, за укинување на малите железнички станици и поради можното укинување или намалување на бонусите за ноќна и работа во недела. 

АЦТБ-САЦТ соопшти дека целта на штрајкот, кој се организира по неуспешните разговори меѓу синдикатите и белгискиот министер за сообраќај Жан-Лук Круке, е „зајакнување на специфичните барања за железничкиот сектор“, најавувајќи слични активности секој месец.  

– Без разлика на финансиските штети сега и во наредните месеци, ќе имаме уште поголеми штети до нашето пензионирање, а и потоа, доколку не се потрудиме денес, посочи АЦТБ-САЦТ. 

За време на штрајкот железничкиот сообраќај нема да биде целосно прекинат, туку само редуциран, па така како што соопшти портпаролот на СНБЦ, Барт Кролс, утре ќе сообраќаат само три од петте меѓуградски железнички линии, што ги поврзуваат големите градови во Белгија, и околу 60 проценти од локалните и регионалните возови. 

Сепак, според Кролс, обемот на штрајкот ќе варира секој ден и се очекува во работните денови тој да биде поинтензивен отколку за време на викендите. 

– Сметаме дека штрајкот е неприфатлива, неодговорна и несоодветна активност. Жалиме за последиците со кои ќе се соочат околу 900.000 патници кои секојдневно се превезуваат со воз, изјави Кролс.  

Со ставот на Кролс се согласува и првиот човек на Генералната федерација на трудот на Белгија (ФГТБ-АБВВ), Берт Енгелар, кој смета дека штрајкот е прекумерен и само ќе ја поткопа поддршката што железничкиот персонал ја има во јавноста. 

– Вработените кои се членови на нашиот синдикат не се согласуваат со тоа, изјави Енгелар за телевизијата ВТМ. 

Тој најави дека членовите на неговиот синдикат нема да учествуваат во овој штрајк, но дека планираат „серија активности“ во периодот од март до јули.