Девет работи што Софија очигледно не ги сфаќа во спорот со Скопје


Бугарија отсекогаш го сметаше членството на Северна Македонија во ЕУ како нејзин стратешки приоритет. И таа секогаш го бранеше и опстојуваше доследно. Во моментов гледаме како таа сама го поткопува, смета бугарскиот уставен експерт и професор, Даниел Смилов

 

Бугарија е на пат да направи стратешка грешка во својата надворешна политика. Со блокирање на преговорите на Северна Македонија  за членство во ЕУ, Бугарија, всушност, работи против самата себе: го забавува интеграцијата и поврзувањето на регионот неопходни за сопствениот просперитет, го поддржува антибугарското расположение во Македонија и паѓа во меѓународна изолација поради нејзината неразбирливо позиција, пишува Даниел Смилов, програмски директор на Центарот за либерални студии во Софија, за бугарската редакција на Дојче веле. Смилов, кој е и член на групата експерти за политички партии на ОБСЕ, професор на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и експерт за компаративно уставно право, вели дека наместо да води принципиелна надворешна политика, Бугарија ги претвора своите романтични толкувања на сопствената историја во мерило на нејзините односи со остатокот од светот.

Според Смилов, сегашната позиција на властите може да биде популарна во земјата, но дека тоа не е модел за водење надворешна политика со суверени и еднакви држави. Тој вели дека мора да постои поделба меѓу политиката и историјата, бидејќи тие се две различни области. Даниел Смилов наведува девет причини за кои официјална Софија сега очигледно „не води сметка“.

Еве ги тие девет причини, според Даниел Смилов:

1) Историјата не е прашање на преговори меѓу земјите. Вистината не зависи од потписите на владите или од преговорите на меѓувладините комисии;

2) Меѓународното право ги регулира основните односи меѓу државите. Во него државите не го признаваат меѓусебниот национален идентитет, националност, јазик и религија. Признати се две работи – државност (суверенитет) и влада на државата. Барем од 1648 година (од Вестфалскиот мировен договор) дел од суверенитетот на државата вклучува ексклузивно право на државата да ги регулира нејзините внатрешни работи: религија, јазик, националност и, соодветно, и образовниот систем, учебници итн. Бугарија ја призна Северна Македонија како суверена држава од 90-тите години на минатиот век;

3) Идејата за заедничка комисија за историски прашања имаше за цел да ги подобри односите меѓу двете земји преку процес на дијалог. Меѓутоа, со фиксирањето на преговорите за заеднички став за сите прашања, ефектот од активноста на оваа комисија почнува да генерира спротивен резултат: тој ги надувува негативните расположенија на обете страни на границата. Силното антибугарско расположение во Македонија е факт кај дел од општеството и медиумите, но барем во моментот СМ има влада што сака да ги подобри односите меѓу нашите земји и да ја однесе државата во ЕУ. Блокирањето од страна на Бугарија на преговорите за членство во Советот на министри на ЕУ само ќе ги ескалира и зајакне негативните ставови таму и ќе ги влоши позициите на оние што се добронамерни кон нас кај нашиот сосед. Покрај тоа, Бугарија ризикува да стане голем „непријател“ на Македонија, што е апсурдно;

4) Правната вредност на „договорите“ за историјата е близу до занемарлива. Ако бидат прекршени, дали ќе бидеме судени во Хаг за симболична компензација? Дури и да се потпише таков договор, тој не може да ги обврзува размислувањето и зборувањето на луѓето во СМ (или кај нас) – сепак, како дел од европскиот простор, принципот на слобода на говор важи за сите нас. Ниту, пак, таквите договори за историјата можат да го запрат истражувањето што води до недоследни заклучоци;

Наместо да води принципиелна надворешна политика Бугарија се сврте кон романтични интерпретации на сопствената историја и предизвика само прекор и потсмев во ЕУ, вели Даниел Смилов

5) Дури и ако изнудиме од СМ да потпише нов анекс на договор за историја, идентитет, антибугарски кампањи во медиумите итн., овој договор нема да го промени расположението кон Бугарија во Северна Македонија. Напротив, тоа ќе ја зајакне и ќе ја мобилизира опозицијата против него. И да го ​​донесе ВМРО-ДПМНЕ на власт, што е всушност главната антибугарска сила;

6) Постојат (многу) договори меѓу двете земји за одрекување од територијални претензии и обврска да нема државна поддршка за групи и движења кои бараат отцепување – ова е неопходен и добар чекор. Договорите меѓу нас не зборуваат за малцинства и ова е исто така добар пристап – прашањето за малцинствата е внатрешно за секоја земја. Само обврзувачките меѓународни конвенции и други инструменти што важат за нас како дел од Советот на Европа и ЕУ се применливи – нема потреба да им се додава ништо низ специјални билатерални договори;

7) На долг рок, за Бугарија е важно да има подобрена комуникација со СМ – медиуми, научни конференции и размени, патишта, железници, комуникации. Доколку овие работи станат вообичаени или барем поврзани, постои можност за промена на расположението во Северна Македонија кон Бугарија. Членството на нашиот западен сосед во ЕУ – па дури и само во преговарачкиот процес – само ќе ги зголемат можностите за поголема поврзаност меѓу двете земји;

8) Бугарската позиција е несфатлива за светот и привлекува само прекор и потсмев во ЕУ. Грците беа во слична ситуација и едвај успеаја да се извлечат од неа со Договорот од Преспа. Во моментот кога тие го сторија тоа, ние го зазедовме нивното место. Грција не доби ништо од конфронтацијата со Република Македонија. Тешко дека ќе освоиме нешто. Покрај тоа, Грција не сакаше суверена држава со специфично име до нејзината граница. Ова беше позиција што многумина ја критикуваа, но сепак беше во познатата рамка на меѓународното право – признавање на суверена држава. Ние тестираме нови територии во меѓународното право – непризнавање на идентитетот, јазикот и толкување на историјата на држава чиј суверенитет веќе сте го признале. Ова е внатрешно контрадикторна позиција – како што беше речено, суверенитетот вклучува право на самоопределување за прашањето на идентитетот, јазикот и религијата. А историјата воопшто не е прашање на пазарење;

9) На крајот, влезот на Северна Македонија во ЕУ со право беше одбранет како стратешки бугарски приоритет уште од почетокот на транзицијата. И досега секогаш доследно го браневме овој приоритет. Но, во моментот ние самите го поткопуваме.