Детектор анкета: Над 20 отсто од вработените останале без работа поради корона кризата


Фото: Б. Грданоски

Секој петти вработен граѓанин во земјава останал без своето работно место како последица на економската криза предизвикана од епидемијата на корона, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според истражувањето, 12,1 отсто од вкупниот број граѓани велат дека го загубиле работното место или пак добиле привремен отказ или суспензија поради кризата со корона вирусот. Од анкетираните 33,4 отсто велат дека одат на работа исто како и пред кризата, 10,7 отсто од граѓаните поради корона вирусот работат од дома, додека 2,5 отсто немаат некои промени во статусот бидејќи и претходно работеле од дома.

„Останатите нешто над 40 отсто се невработени и пензионери. Кога тие ќе се исклучат од истражувањето, анкетата покажува дека 20,6 отсто од анкетираните вработени граѓани останале без работното место, додека 56,9 отсто се уште одат на работа како и претходно. При тоа 18,2 отсто од вработените анкетирани граѓани работат од дома, а за 4,3 отсто вработени граѓани нема никакви промени бидејќи тие и пред кризата си работеле од дома, посочуваат резултатите.

Две третини од граѓаните или 66 отсто сметаат дека државата треба да покрие дел од загубите на домашните приватни компании предизвикани од кризата, додека 12,3 отсто сметаат дека државата не треба од буџетски средства да ги покрива загубите. За 79,1 отсто од анкетираните државата треба да покрие дел од загубите на најпогодените компании, додека само 5,6 отсто не се согласуваат со тоа.

Кога станува збор за помош и на домашните и на странските компании, поддршка даваат 54,5 отсто од анкетираните, а 21,7 отсто се против.

Инаку, 70,6 отсто од граѓаните или нешто над две третини се на ставот дека државата треба да ги компензира и оние кои биле привремено или вработени како хонорарци, а останале без работа како резултат на корона кризата, додека 8,9 отсто се против.

Најголем дел од граѓаните велат дека покрај за своето здравје, економската криза е тоа за што најмногу се грижат во овој период. Ваков став имаат 38,8 отсто од анкетираните. Вкупно 15,3 отсто стравуваат од колапс на здравствениот систем, а 10,7 отсто од недостаток на храна, лекови и други стоки, додека 5,6 отсто стравуваат од губењето на работното место.

Анализирано според возрасната структура, за економската криза најголема е загриженоста кај анкетираните кои имаат меѓу 40 и 49 години. Дури 48,6 отсто од нив велат дека покрај можноста да се заразат, најмногу се плашат од економската криза. Граѓаните кои се помлади но и постари од оваа група велат дека се нешто помалку загрижени за економијата.

Најмалку за економијата се грижат најстарите. Само 27,1 отсто од анкетираните над 60 години велат дека економската криза е најголемиот проблем ако се исклучи можноста да се заразите со вирусот.

Според анкетата, 39,1 отсто од младите до 29 години велат дека најмногу ги загрижува економската криза покрај здравствената. Ваков став имаат 44,8 отсто од граѓаните меѓу 30 и 39 години и 36,6 отсто од оние кои се на возраст од 50 до 59 години.

Анализирано според местото на живеење, најголема загриженост за економската криза има во источниот регион каде 48,2 отсто од граѓаните велат дека покрај можноста да се заразат најмногу се плашат од економската криза. Овој процент паѓа на 45,6 отсто во скопскиот и 43,2 отсто во полошкиот регион.

Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1.116 испитаници во периодот од 18 до 21 март со маргина на грешка од плус-минус 3 отсто.