Дескоска: Сумата што ја добиваат партиите е преголема, уредбата за нивно кратење е подготвена


Слободанка Јовановска

Министерката за правда, Рената Треневска-Дескоска, не се откажува од намерата да се укине  финансирањето на политичките партии за оваа година. Тоа за нив е значаен финансиски удар, со оглед на тоа што треба да поделат 4,5 милиони евра.

„Уредбата е готова. Чекаме да се разгледа во пакет со сите антикризни мерки. И во нормална состојба сумата која се издвојува за партиите е преголема и треба да се врати на износот пред 2018 година“, изјави  министерката Дескоска за „Независен“.

Нејзиниот предлог е сепак, како антикризна мерка исплатата да се укине за оваа година, а во иднина да се разгледа повторно дали треба да се смени законот и сумите што ги добиваат политичките партии на годишно ниво да се намалат засекогаш.

„Добро е сите партии да ја поддржат одлуката, вклучувајќи ги и ВМРО-ДПМНЕ и другите парламентарни и вонпарламентарни партии што добиваат пари од буџетот“, порача таа. Околу дилемата дали ДУИ може да го спречи усвојувањето на оваа мерка, таа само порача дека во Владата „нема надгласување“.

Темата стана актуелна откако лидерот на СДСМ Зоран Заев излезе со листа на мерки што треба да ги донесе Владата како одговор на последиците предизвикани од кризата со корона вирусот. Предлозите предизвикаа бура реакции, при што се покажа дека сите сакаат помош и се согласуваат со нови задолжувања, но ретки се тие што се подговени да поддржат штедење или да се откажат од некои свои приходи. Уште повеќе ВМРО-ДПМНЕ секојдневно пушта море од соопштенија во кои лицитира со предлози на сметка на новите задолжувања, а идеи за штедење има само за функционерите од актуелната власт, од кои побара да работат отсега без пари и да се откажат од привилегиите. Во таков наплив на популизам и партиска пропаганда ги дочека предлогот и тие да се најдат на листата на кратења.

Иницијативаната на Треневска-Дескоска јавно ја прифати лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со порака и другите партии да го следат нивниот пример. Од ДУИ владее молк на оваа тема, но судејќи по реакцијата на намалувањето на платите на јавната администрација, која е полна со вдомени кадри од оваа партија, нема расположение за кастрења кои ќе удрат по нивниот интерес. Од владини извори тоа го потврдуваат, со оценка дека и ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ го отфрлаат засега предлогот за кастрење на исплатите на партиите. Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, порачаа дека ним имотот и така им е змрзнат и тие пари нема да стигнат на сметките на нивната партија, што беше елегантен начин да речат не.

„Ние како ВМРО-ДПМНЕ и претходните претседателски избори и овие парламентарни избори ќе ги дочекаме како единствена политичка партија во Европа која има незаконски замрзнат имот и без исплатени пари за тековно годишно функционирање на партијата. Очекувам пред оваа точка да ја стави точката со која ќе се донесе уредба со сила на законот каде што сите министри во Владата, заменици, државни секретари, именувани избрани лица, ќе се откажат од високите плати и да работат про боно до завршување на нивниот мандат“, рече лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Откако си влегоа во замката со секојдневните повикувања да се скратат непродуктивните трошења, просторот на опозицијата да рече не реално е намален, барем на јавната сцена.

„Парите не треба да доаѓаат во политичките партии, туку кај граѓаните. Да ја зголемиме приватната и јавната потрошувачка. Драго ми е што СДСМ се откажа од своите пари. За другите партии треба сами да кажат. Верувам дека и другите ќе бидат солидарни“, рече Заев на оваа тема.

Засега не се знае кога новиот пакет со кризни мерки за справување со ситуацијата ќе помине на Влада, бидејќи околу предлозите треба да се изјасни новоформираниот неформален Економски совет, во кој има економисти од целиот политички спектар, а меѓу нив се и Трајко Славески и Виктор Мизо. Откако Заев објави дека буџетот ќе остане пократок дури за 60 отсто и дека нема евтини пари на финансискиот пазар, ова кратење можеби и нема да биде воопшто прашање на избор.

Со Законот за политичките партии над 4,5 милиони евра на годишно ниво завршуваат во партиските каси од буџетските пари. Од нив, 30 отсто се за малите, а 70 отсто за големите партии. Претходно таа сума изнесуваше 1,8 милиони евра годишно.