Дескоска ќе им помага на Филипче и на Адеми да ги усогласат вакцинацијата и школувањето


 

Министерот за здравство, Венко Филипче повтори, невакцинираните деца нема можат да се запишат на училиште и да одат во градинка. Според него само така ќе се стави крај на епидемијата со мали сипаници. Конечната одлука ќе се знае во понеделник, по средбата со министерот за образование Арбер Адеми и со минисерката за правда Рената Дескоска.

– Не отстапуваме од ставот да не се примаат невакцинирани деца во училиштата и градинките, оти само така ќе се стави крај на епидемијата со мали сипаници, порача денеска министерот за здравство Венко Филипче, по вчерашната изјава на министерот за образование Арбер Адеми дека деновиве треба да го усогласат ставот оти основното образование е задолжително, но притоа не смее да се нарушува јавното здравје.

-Викендов ќе имаме средба со министерот за образование, во тоа ќе ја вклучиме и експерти по уставно право, како и министерката за правда. Ние како министерство дадовме препораки, бидејќи во моментов имаме епидемија, и од понеделник ќе излеземе со усогласен став – рече Филипче.

На Клиниката за инфективни болести во моментов има двајца пациенти во потешка здравстена состојба додека пак 30 се хоспитализирани. Бројката на новозаразени пациенти од морбили секојневно расте. Претходната недела се регистрирани нови 110 случаи со морбили од кои половина биле хоспитализирани. Од почетокот на епидемијата досега бројот на заразени достигна 1.399 случаи со мали сипаници. Вакцинирани се речиси 24.000 , а невакцинирани уште 18.800 надвор од Скопје. Веќе од понеделник од здравствените власти најавија засилени контроли во центрите за јавно здравје бидејќи одзивот за вакцинација надвор од Скопје е многу мал.