Десетте најбогати луѓе во светот изгубија вкупно 140 милијарди долари во февруари

Додека администрацијата на Доналд Трамп работеше на намалување на вработеноста во владата во февруари, берзата падна и десетте најбогати луѓе во светот колективно загубија 140 милијарди долари, пренесе Банкар.ме.
Најголемиот губитник
Иако се уште е најбогатиот човек на светот, остриот пад на вредноста на акциите на Тесла го намали богатството на Маск за 62 милијарди долари. Производителот на електрични возила изгуби дури четвртина од својата пазарна вредност во февруари.
Во декември, Маск стана првиот милијардер кој надмина 400 милијарди долари, благодарение на растот на акциите на Тесла и зголемената вредност на неговата приватна фирма за вештачка интелигенција, xAI, која доби поддршка од нови инвеститори. Сепак, веќе на 10 февруари, кога акциите на Тесла почнаа да паѓаат, богатството на Маск падна под 400 милијарди долари. Падот продолжи, а на 1 март неговиот имот беше проценет на нешто помалку од 360 милијарди долари, според магазинот Форбс.
Вредноста на акциите на Тесла падна поради извештаите за драстичен пад на продажбата во Европа и во американските држави како Калифорнија.
Безос губи, Цукерберг расте
За разлика од Маск, Марк Закерберг имаше подобар месец – барем кога станува збор за нето вредноста. За прв пат стана вториот најбогат човек на светот. Неговото искачување на второто место е резултат на падот на вредноста на акциите на Амазон.
Во февруари акциите на Амазон паднаа за речиси 11%, бришејќи повеќе од 23 милијарди долари од богатството на Џеф Безос. Тоа го спушти на третото место, отворајќи му го патот на Закерберг да го престигне. Иако и сопственикот на Мета изгуби дел од своето богатство минатиот месец, неговиот пад не беше толку драматичен како на Безос. Закерберг имаше проценета нето вредност од 231 милијарда долари на 1 март, додека Безос беше веднаш зад него со речиси 227 милијарди долари.
Единствениот во плус
Ворен Бафет е единствениот меѓу првите десет најбогати луѓе чие богатство се зголеми минатиот месец. Акциите на неговата инвестициска фирма Беркшир Хатавеј пораснаа за околу 10 отсто. Ова му донесе дополнителни речиси 15 милијарди долари, што сега го става неговото богатство на 161 милијарда долари.
Севкупно, десетте најбогати луѓе во светот колективно поседуваат богатство од 1,89 трилиони долари. Тоа е помалку од 2,03 трилиони долари од почетокот на февруари.
Во април 2024 година, магазинот Форбс на својата годишна листа пронајде вкупно 2.781 милијардери.
Која е најбогатата жена на светот?
Најбогатата жена на светот е Алис Волтон, ќерка на основачот на Волмарт, Сем Волтон. Нејзиното богатство се проценува на 107,5 милијарди долари, што ја става на 15 место на листата на најбогати луѓе во светот.
Нејзиното богатство доаѓа од нејзиниот сопственички удел во малопродажниот синџир Волмарт, кој го наследила од нејзиниот татко. Нејзините браќа Роб, Џим и Џон (кој почина во 2005 година) исто така наследија акции во компанијата. Вдовицата на Џон Волтон, Кристи Волтон и нивниот син Лукас Волтон ги наследија акциите на Џон и двајцата се на листата на милијардери на Форбс.
Десетте најбогати луѓе во светот
1. Илон Маск, 359,5 милијарди долари, Тесла, Спејс икс, xAI, X
2. Марк Закерберг, Мета (Фејсбук), 230,7 милијарди долари
3. Џеф Безос, Амазон, 226,7 милијарди долари
4. Лери Елисон, Оракл, 204,6 милијарди долари
5. Бернард Арно, ЛВМХ, 186,4 милијарди долари
6. Ворен Бафет, Беркшир Хатавеј, 161,1 милијарди долари
7. Лери Пејџ, Гугл, 141,5 милијарди долари
8. Сергеј Брин, Гугл, 135,4 милијарди долари
9. Амансио Ортега, Индитекс (Зара), 121,9 милијарди долари
10. Стив Балмер, Мајкрософт, ЛА Клиперс, 118,9 милијарди долари