„Денови на независната продукција“ во Драмски театар, повик за пријавување претстави


Dramski teatar 2 bg

Драмски театар Скопје (ДТС) ќе ја почне новата театарска сезона во септември со проектот „Денови на независната продукција“ за поддршка на уметниците од независната сцена.

ДТС соопшти дека утре на нивната веб-страница и на социјалните мрежи ќе биде објавен Јавен повик за уметниците да аплицираат за термин за изведба на претстава во продукција на независната сцена. Повикот ќе биде отворен до 1 септември 2025.

-Деновите на претстави од независната продукција ќе се одржат од 9 до 19 септември 2025 година. По направената селекција на апликациите за претставите пристигнати на Јавниот повик, Драмски ќе ги отстапи за гостување сцената „Ристо Стефановски“ и „Малата сцена“ на театарот како и потребната техника, со што овозможува изведба на новите претстави и презентирање на иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти, соопшти Драмски театар Скопје.

Како што наведува во соопштение, со поддршката на независната сцена, „иницира создавање силна мрежа на театарската заедница од различни генерации актери, режисери, драматичари, сценографи, костимографи и мултимедијални уметници“.

-Проектот „Денови на независнта продукција“ е замислен како платформа за контакти на уметници кои внесуваат свежина, динамика, понекогаш и неконвенционален пристап во процесот на создавање на театарските претстави, што може да води до идни соработки, копродукции и проекти. Публиката на Драмски театар од 9 до 19 септември ќе има можност да ги проследи и поддржи претставите од поновата продукција на независната сцена кои со својата разновидност ќе го збогатат редовниот репертоар на Драмски, информира ДТС.