Денеска средба Мицотакис – Ердоган во Њујорк
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ќе се сретнат во Њујорк на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, што ќе биде втора нивна средба во период од два месеци, јави дописничката на МИА од Атина.
Според портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, Атина очекува продолжување на дијалогот со Турција, бидејќи како што рече, веруваат во дијалогот и во климата на дијалог што се негува.
На вчерашниот брифинг со новинарите, Маринакис коментираше дека средбата е „важна исто како и сите билатерални средби на грчкиот премиер со турскиот претседател“.
Објасни дека разговорите ќе се движат во насока на она што беше договорено на првата средба, за трите нивоа за кои се согласија, но и ќе се одредат следните чекори.
-Грција верува во дијалог, верува во решавање на единствената разлика што нè разделува со Турција, секако уште не сме стигнати до тоа, но теоретски таа е целта. Дијалогот ќе напредува и на сите нивоа, рече Маринакис.
Паралелно, го повтори она што го кажа Мицотакис на прес-конференцијата на Меѓународниот саем во Солун во неделата, дека Грција нема да направи никакви отстапки од својата позиција и никогаш нема да разговара за прашања поврзани со суверенитетот и со статусот на грчките острови.
Мицотакис во пресрет на средбата, тогаш истакна дека е позитивно тоа што се обновени каналите на комуникација со редовни средби и разговори на политичко ниво на шефовите на дипломатиите, како и преку мерките за градење доверба и промоција на позитивната агенда.
-Грција никогаш не ја смени стратегијата кон Турција, уште од 2019 година, имав волја да постои комуникација со Турција, прашањата да се решаваат врз основа на меѓународното право, а кога не се согласуваме, работите да не одат во крајност, истакна Мицотакис и повтори дека со Анкара преговараат единствено за одредување Ексклузивната економска зона и континенталниот гребен во Егејското море и Источниот Медитеран.
Средбата на грчкиот премиер и турскиот претседател првично беше закажана за 18 септември, меѓутоа поради поплавите во Грција, Мицотакис ја промени програмата и за Њујорк отпатува вчера, два дена подоцна од планираното, а со Ердоган ќе се сретне утрово по локално време.