Денеска продолжуваат меѓупартиските преговори за Брегзит


Англија – Британската премиерка Тереза Меј е под притисок на сопствената партија да одреди јасен датум за нејзино заминување, пишува весникот „Гардијан“.

Денеска продолжуваат преговорите меѓу владините министри и лабуристите, во атмосфера на  очигледно ограничени очекувања за пробив, со оглед на тоа што политичкиот фокус најверојатно ќе се насочи кон обновените напори на конзервативците да ја отстранат Тереза Мај од Даунинг стрит 10, коментира весникот.

Денеска ќе заседава и Комисијата 1922, која ги претставува конзервативните пратеници, а со состанокот ќе претседава претседателот на Комисијата Греам Брејди, кој планира да и каже на премиерката дека треба да поднесе оставка пред крајот на јуни. Еден од умерените пратеници изјави дека е „нормално и логично Брејди да и предложи на Тереза ​​Меј да си замине од функцијата“.

Разговорите беа прекинати пред католичкиот Велигден, а лабуристите изјавија дека од Владата се уште не слушнале можен компромисен план за Брегзит. Партијата се уште го знае само времето и местото на денешните разговори, но не и агендата или евентуални нови предлози.