Денеска и утре – пик на топлотниот бран во Србија

Во Србија на сила е црвен метео аларм што означува дека се прогнозирани особено опасни временски појави, што се со таков интензитет што можат да предизвикаат голема материјална штета и да бидат многу опасни за безбедноста на луѓето и животите, соопшти српскиот РХМЗ.
УВ индексот во Србија денеска е многу висок, а на некои места екстремно висок.
Денеска и утре се очекува во Србија пикот на топлотниот бран со максимални температури во поголемиот дел од централниот, јужниот и источниот дел што ќе се движат од 38 до 43 °C, со можност локално да ги достигнат рекордните вредности од 24 јули 2007 година, кога во Смедеревска Паланка беа измерени 44,9 °C, соопшти Одделот за вонредни ситуации.
Екстремните температури, како што е предупредено, ги загрозуваат животите на луѓето и животните. Најчувствителни се децата и постарите лица, по што следат хронично болните, лицата на терапија како и сите лица изложени на тежок физички напор на високи температури.
Поради ризикот од топлотен удар и дехидратација, на граѓаните им се препорачува да го намалат времето поминато на отворено помеѓу 10 часот наутро и 17 часот попладне, редовно да се хидрираат и да носат лесна, светла облека.
На граѓаните им се препорачува да ги проверуваат постарите соседи и да не ги оставаат децата и домашните миленици во затворен автомобил.
Топлотниот бран придонесува за зголемување на ризикот од започнување и ширење на пожар на отворено, соопштија надлежните служби.