Денес ќе се објават проектите на општините што ќе се финансираат од унгарскиот кредит?


Првиот човек на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ), градоначалник на Кисела Вода

 

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, се сретна со претставници на ЗЕЛС за да разговара за измена на два закони кои треба да помогнат за развој на општините: Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење. Со овие измени ќе се овозможи градба на училишта, градинки, амбуланти, болници и катни гаражи во 100% општинска или државна сопственост да се реализираат по поедноставена постапка и без потреба за плаќање комуналии.

Во меѓувреме, треба да биде објавено кои проекти која општина ќе ги добие, а кои ќе се финансираат со средства од унгарскиот кредит. Според претседателот на ЗЕЛС, со овие средства ќе бидат надминати повеќедецениски проблеми на општините.

„На 15-ти ќе има официјално објава која општина кои проекти ги добива. Петнаесети е  денес, па во текот на денот ќе ги добиеме сите информации од јавен карактер поврзани со сите проекти. И во наредниот период на начин што како ќе се одвива динамиката на реализација по ситуација така ќе легнуваат и парите за исплата према оние оператори кои би работеле на реализација на проектите. Ова не се средства за раздолжување на општините, ова не се средства кои ќе завршат за набавка на нови возила за градоначалниците, за непродуктивни трошоци, туку за реализација на проекти, туку повеќедецениски проблеми на нашите граѓани“, изјави Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС.