Денес и утре средба на Историската комисија со Бугарија
Записникот од десеттата средба, учебниците за седмо одделение кај нас, како и прашањето за ликот и делото на Гоце Делчев се очекува да бидат теми на дискусија денеска и утре на 12. состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Состанокот ќе се одржи онлајн поради состојбата со Ковид-19, а формално домаќин на оваа 12. средба на членовите на Комисијата е Северна Македонија.
Комисијата се состана на 22 јануари, но само заради усогласување на содржината во записниците од деветтата и десеттата средба.
– Двете страни ја усогласија содржината на Записникот од деветтата средба, а во однос на десеттата средба беа надминати неколку прашања поврзани со содржината на записникот, посочија тогаш од Комисијата за МИА.
Претходниот, 11-ти состанок на Заедничката комисија се одржа на 3 и 4 декември минатата година, а теми на разговор беа содржините во македонските учебници по историја за средновековниот период и раноосманлискиот периоди и образовни прашања. Како што информираа копретседателите по завршувањето на тој состанок, Драги Ѓорѓиев од македонска страна и Ангел Димитров од бугарска, на 11. состанок многу малку било разговарано за Гоце Делчев и немало никакво поместување во однос на дебатата за заедничко чествување на неговиот лик и дело.