Дендиас: Грција има конвенционални обврски кон Северна Македонија кои треба да ги исполни
Преку европскиот тек на Северна Македонија ќе се обидеме да ја убедиме другата страна да биде целосно прифатено дека називот на граѓанинот на земјата е „граѓанин на Северна Македонија“, рече министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, говорејќи за грчкото радио „Реал фм“, давајќи пример во однос на тоа што би можеле во иднина да направат за точките од Договорот од Преспа, за кои тие не се согласуваат.
Дендиас во интервјуто уште еднаш отфрли секаква можност за промена на Договорот од Преспа, велејќи дека „Грција има конвенционални обврски кон Северна Македонија кои треба да ги исполни“, но објасни што во иднина би можело да се направи.
За членовите што се однесуваат на јазикот и идентитетот, што грчката владејачка партија ги смета за спорни, шефот на грчката дипломатија вели дека да ја имаше тој можноста, како министер за надворешни работи од Нова демократија, да ги води преговорите, ќе ги сменел конкретните две точки заедно со уште една, т.е. како што рече, „можноста правно лице од приватното право да го користи називот македонски без да може да биде спречено“.
-Овие три работи би сакал, да можев да ги сменам. Но, сега се тука. Што можам да направам? Она што можеме да го направиме како земја е преку рамката на европскиот тек на Северна Македонија, да ја убедиме другата страна оти овие работи треба да се користат на конкретен начин и само на тој начин. На пример: од другата страна да биде целосно прифатено дека називот на граѓанинот на земјата е „граѓанин на Северна Македонија“. Но, ова е процес на спроведување што поминува преку европската перспектива на соседот, на Северна Македонија. Ќе се обидеме да го направиме тоа, но ако ви кажам дека можам да го сменам договорот во целост, или да ги сменам целосно овие два члена, нема да ви ја кажам вистината, штом еднаш е потпишано и ратификувано не е можно, рече Дендиас.
Шефот на грчката дипломатија уште еднаш го повтори ставот дека државата има континуитет, а „ревизионизмот на договорите е опасен за Грција на многу степени“.
-Земјата има конвенционална обврска кон една друга земја. Кон оваа друга земја кон која има конвенционална обврска мора да ги исполни обврските, односно Грција кон Северна Македонија да ги исполни нејзините конвенционални обврски, но, му кажав јасно на Димитров и тие треба апсолутно да се придржуваат до збор, до запирка, до точка, до нивните обврски, рече министерот за надворешни работи на Грција во интервјуто за грчкото радио.