Ден на жалост за Македонија

Додека ние се фрустрираме заедно со ЕУ и САД за невладеењето на правото, судиите и обвинителите навистина имаат повод за славење на Денот на правосудството – си ја зголемија платата за над 25 отсто со одлуката Уставниот суд


Судиите и обвинителите слават: Со трибини и со обраќања го одбележуваат Денот на правосудството во државата. Реалноста е дека нема потажен ден во Македонија од овој денес и дека Вардар не може да ги испере веќе од одговорноста овие заштитени структури, заради кои во голема мерка го допревме дното како европска држава. Ако се тргнат настрана исклучоците, Денот на правосудството може слободно да го прогласиме за Ден на жалост во Македонија.  

Според претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, само мал број од преставниците на фелата со своето работење ја контаминираат целата професија. Ваков изговор тешко веќе може да го купи бил кој од меѓународната заедница и од граѓаните дома. Прашањето е – каде се чесните, некорумпираните, непристрасните, правичните и доблесни судии и обвинители да се оградат гласно од таквите и активно да застанат во одбрана на професијата. Односно, како што им порача американскиот заменик-амбасадор во земјата, Ерик Мејер, да ги отстранат од струката тие што им стојат на патот?

Каде беа да излезат по извештајот на Стејт департментот и да ги посочат контаминираните во својата професија? Каде беа да се оградат од начинот на кој се водат одредени судски процеси и јасно да именуваат кои? Да кажат нешто за ставот на Стејт департментот дека има сериозна корупција во правосудството, дека не се судат туку се ослободуваат богати и влијателни, за пари или нешто друго. Да кажат дали навистина намерно се пишуваат лоши извештаи и намерно се одолговлекуваат постапки за да застарат високопрофилни случаи, па не судат туку ослободуваат криминалци, а во професијата има конфликт на интереси и непотизам? И зошто не го одбранија законот ни во Академијата за судии и обвинители, иако со месеци се информираше дека се полагале предвремено правосудни испити, дека има фалсификувани дипломи за познавање јазици, дека има непотизам и слично?  

Иако јавниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, никој не го видел во јавноста откако е избран на функцијата, главниот јавен обвинител Љубомир Јовески денес виде „позитивни сигнали“ на Денот на правосудството: Американците забележале во извештајот дека им фалат финансии и техничка опременост! Јовески не виде дека им фали правда, ама виде дека им фалат пари според Стејт департментот. Самиот пак гледа голема посветеност, одговорност, ревносност и верба во правдата, па ги повика обвинителите „со дела“ тоа да ѝ го покажат на јавноста. Истата таа јавност која вчера беше сведок какви сѐ методи се користат за да застарат делата на Сашо Мијалков кои намерно се одолговлекуваат, се повторуваат или за одреден кеш му се брише затворска казна.

Вистината е дека, додека ние се фрустрираме заедно со ЕУ и САД, судиите и обвинителите навистина имаат повод за славење деновиве – си ја зголемија платата за над 25 отсто со одлуката Уставниот суд да го укине ограничувањето од 2014 година за платите на функционерите. Можат да слават и што има толку многу криминал и корупција во земјата, бидејќи само така има логика со месеци да држат предмети во фиока, како што беше случајот со Енвер Беџети, кому не само што за тоа не му беше изречена никаква дисциплинска казна, туку сметаше дека е достоен да добие унапредување во Врховниот суд, каде што сепак деновиве не помина.

Слават и затоа што, вакви какви што се, се фокус на милиони евра и милиони долари донации дадени од ЕУ и од САД, кои и натаму се мачат да направат независно правосудство во Македонија место да поддржат ветинг, па ги носат на безбројни стручни обуки во странство за да видат како нивните колеги судат во средени држави. И тие во мал број што, според претседателката на Судскиот совет, го контаминираат правосудството, без срам се шетаат низ Европа и низ САД за, кога ќе се вратат, да продолжат со балканските стандарди кои повеќе им одговараат, бидејќи да работат како што треба, нема да има ни обуки, ни дневници, ни странство.

Притоа, воопшто не е јавно прашање зошто ништо од тие силни тренинзи, анализи, извештаи и обуки не се применува и зошто слабостите што им ги укажа ОБСЕ во начинот на кој се водат судските случаи уште додека функционираше СЈО, не се трудат воопшто да ги применат во практиката, туку си работат како и досега. Смешно е и жално најважните судски гонења во државата да пропаѓаат сѐ уште бидејќи некој од обвинетите – не добил уредна судска покана! Смешно е и жално и натаму, наспроти укажувањата на ОБСЕ, судски случаи да се повторуваат поради замена на поротници, доказите по неколкупати да се изнесуваат, а обвиненија да паѓаат бидејќи не се внесени суштински податоци во нив, па и за кое дело се судат, а за тоа никој да не одговара. Жално е што воопшто нема никаква одговорност за судии на кои делата им застаруваат, па без страв и со евтини финти ги уриваат големите корупциски досиеја, за кои се потрошени куп народни пари за да биде задоволена правдата.

По толку реформи во правосудството испаѓа дека сите промени служат само за да се најдат процедурални дупки и пресудите воопшто да не се изрекуваат. Практично сѐ што е битно за граѓаните завршува во лавиринтите на судското подземје, така што следниот Ден на правосудството подобро да нѐ поштедат од фактот дека ги плаќаме за да го помагаат криминалот во државата и да спроведуваат неправда.