Демолиран и автомобилот на Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ

По палењето на автомобилот на Артан Груби, за кој тврди дека не е негов туку на соседот, утрово е искршено и возилото на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Понеделничкото утро на мене и мојата фамилија ни започна вака, го најдов моето возило искршено и демолирано. Очигледно се во паника и исплашени, па тргнаа да не заплашуваат и нас зошто знаат дека ќе има одговорност за сите криминали. Ако некој мисли дека пораката е примена, можам само да ви порачам дека ваквите методи кои се одлика на страв предизвикуваат поголема храброст и кај мене и кај ВМРО-ДПМНЕ. Сега сме 100 отсто уверени дека сме погодиле точно во сржта, а да знаете одговорност ќе има“, напиша Митева на Фејсбук профилот.
Од СДСМ го осудија настанот.
„Го осудувам кршењето на автомобилот на портпаролката на ВМРО ДПМНЕ и членка на ИК, Марија Митева. Во демократско општество нема место за било какво насилство и очекувам дека надлежните институции во најбрзо време ќе ги откријат сторителите!„- напиша портпаролката Богданка Кузевска.
Во Прилеп, пак, непознато лице, најверојатно со метален остар предмет, викендов го оштетило приватниот автомобил на претседателот на Советот на општина Прилеп, Дејан Проданоски, кој е и претседател на локалниот огранок на ВМРО-ДПМНЕ. Според неговата објава на личниот Фејсбук профил, автомобилот бил паркиран на јавна површина и тој, во овој, како што го нарече „нихилистички чин“, препознава атак врз неговата лична безбедност поради неговиот политички активизам со двете функции кои ги извршува. Сличен ваков инцидент во Прилеп имаше и во месец март кога беше оштетен приватниот автомобил на екс-градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, паркиран пред неговата семејна куќа.