Демократски сојуз: Бугарија парадира како сојузник на Третиот рајх

Партнерот во владата, Демократскиот сојуз, денеска оцени дека во однос на евроинтеграцискиот процес на Македонија, Бугарија со отвореното негирање на македонскиот идентитет и јазик, парадира во Брисел како сојузник на Третиот рајх.
Партијата преку соопштение го осудува „триумфалистичкото однесување на бугарската влада по бришењето на одредниците за македонскиот јазик и идентитетот од Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија. Со таквата еуфорија и со упатените навреди кон македонската Влада, официјалните личности од Софија само ги демонстрираат своите вековни фрустрации и неуспешни обиди за бугаризација на Македонија и на Македонците“. Функционерот на ДС, Зоран Димитровски, е заменик-министер за надворешни работи.
Во соопштението се додава:
„Премиерот на Бугарија, Росен Жељасков, по самиот на НАТО во Хаг, потсетувајќи дека јазикот што го користат функционерите во двете земји треба да всадува пријателство, а не омраза, меѓу другото изјави: ‘Ќе си дозволам една аналогија – целта на нашите пријатели од Македонија не е да го преземат Вавилон, туку да влезат во ЕУ…’ За жал, бугарската влада, во однос на евроинтеграцискиот процес на Македонија, не само што не се однесува како влада на земја членка на ЕУ, туку со отвореното негирање на македонскиот идентитет и јазик, парадира во Брисел како сојузник на Третиот рајх“.
Според партијата,Бугарија изгуби три војни за Македонија, а главната причина за тоа се обидите за територијална и етничка асимилација на македонското население како бугарско. Официјална Софија сe уште се надева дека ќе ја добие „четвртата војна“ и ќе ги оствари санстефанските соништа преку уцени во преговарачкиот процес за членство на Македонија во ЕУ.