Демократите во САД ќе поднесат барање за импичмент на Трамп в понеделник


Фото: EPA, via Shutterstock

 Демократите во Претставничкиот дом на Конгресот планираат в понедленик да поднесат барање за импичмент против актуелниот американски претседател Доналд Трамп, јавија Си-Ен-Ен и британски медиуми повикувајќи се на извори од Демократската партија.

Во верзија на поднесокот на демократите пишува:
„…Претседателот Трамп сериозно ја загрози безбедноста на САД и нивните институции на управување. Тој се закануваше на интегритетот на демократскиот систем, се мешаше во мирната транзиција на власта и загрози дел од власта. Со тоа изврши предавство на својата доверба како претседател, на очигледна повреда на народот на САД“.

„Затоа, претседателот Трамп, со такво однесување, демонстрираше дека ќе остане закана за националната безбедност, демократијата и Уставот ако му биде дозволено да остане на функцијата и постапи на начин грубо несоодветен со владеењето на правото. За претседателот Трамп треба да има импичмент и судење, смена од функцијата и дисквалификација… “

Според медиумот, барањето за импичмент ќе го поднесат конресмените-демократи Дејвид Сицилин, Тед Лиу и Џеjми Раскин. Потегот ќе биде преземен по упадот на приврзаници на Трамп на Капитол во средата. 

Истовремено, новоизбраниот американски претседател Џо Бајден изјави дека Конгресот треба сам да одлучи за евентуална процедура за импичмент на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп.Tој нагласи дека е фокусиран во моментот на вакцинирањето на Американците и на закрепнување на економијата.

– Што ќе одлучи Конгресот е нивна одлука…Мојата функција почнува за 12 денови и со Божја волја, јас ќе бидам претседател на САД, изјави тој.

Бајден додаде дека негов приоритет сега е подготовка на новата администрација и дека е фокусиран на три работи – спречување на ширењето на вирусот, вакцинирањето на населението во САД и економски раст.

Според него, единствената работа со која се согласува со Трамп е дека е добро што нема да присуствува на инаугирацијата на 20 јануари.

– Ми рекоа дека тој посочил дека нема да се појави на инаугурацијата. Една од ретките работи за кои јас и тој некогаш сме се согласиле. Добра работа е тој да не се појави, изјави Бајден.

– Тој… ги надмина и моите најлоши поимања за него. Тој е срам за земјата, срам за целиот свет, недостоен да ја извршува таа функција…Сепак, потпретседателот Пенс е добредојден на 20 јануари.