Демерџиев и Спасовски нема да дозволат инцидент на чествувањето на Гоце Делчев


Министрите за внатрешни работи на  Македонија и на Бугарија, Оливер Спасовски и Иван Демерџиев денеска од Скопје порачаа дека нема да се дозволи никаков инцидент на чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, што треба да се одржи в сабота и оти во тој правец македонската полиција ги презема сите потребни мерки.

– Ова е во услови на малку зголемени тензии, различни најави за нарушување на јавниот ред и мир. Сакаме да упатиме јасна порака дека нема да дозволиме никаков инцидент. Македонската полиција ги презема сите неопходни мерки и активности и апсолутно не смее да се дозволи инцидент, односно ќе се обезбеди чествување како што доликува на нашиот великан Гоце Делчев, изјави министерот Спасовски по средбата со  Демерџиев.

Дека ќе се работи на обезбедувањето мирно и спокојно чествување на Гоце Делчев по средбата потврди и Демерџиев.

– Ги добив сите информации од колегата Спасовски дека се ќе биде обезбедено, дека ќе бидат преземени апсолутно сите мерки за безбедно одвивање на настанот. И јас исто така го уверив дека луѓето коишто ќе дојдат на чествувањето во никој случај нема да дозволам да предизвикаат какви било провокации или да дојде до несакани настани. Постигнавме согласност дека се ќе биде во најголем ред за одвивање на овој настан и да не дозволиме некои луѓе да се обидат да го распалат огинот, каде што го нема. Целта е да се одржи чествување на еден великан Гоце Делчев, а не да бидат центар и место каде што ќе настанат радикални појави, изјави Демерџиев.

Спасовски потсети дека МВР и сите други институции ги презедоа сите мерки виновниците во случајот со нападот врз Христијан Пендиков во Охрид да бидат изведени пред лицето на правдата. МВР, нагласи Спасовски, за сите случаи постапува подеднакво посветено со цел виновниците да бидат изведени пред лицето на правдата и санкционирани. Нашата крајна цел, нагласи тој, е да се обезбеди безбедност за сите граѓани и за сите лица коишто престојуваат во нашата држава.

– Во врска со нападот врз Пендиков за којшто исто така разговаравме на денешната средба, МВР веднаш ги презеде сите неопходни мерки, како и другите органи. Во делот на истрагата имаме едно лице за кое што е определена мерка притвор и се постапува и понатаму во ширење на истрагата во однос на овој случај, рече Спасовски.

Демерџиев  добил уверување од Спасовски оти случајот ќе биде истражен целосно.

– Целта е не само да се преземаат мерки. Целта е да не се повторуваат такви инциденти во иднина, затоа што такви случаи и такви инциденти ги нарушуваат односите меѓу нашите две држави, кои традиционално се многу добри со високо ниво на соработка и заемно почитување и не е во ред такви инциденти да ги нарушуваат или пак да фрлат сенка врз нив, рече бугарскиот министер за внатрешни работи.

Тој, како што рече е уверен дека иднината на двете земји е врзана со Европската унија – Бугарија е членка, а Северна Македонија оди по тој пат.

– Но, многу е важно да се знае дека говорот на омразата не е дел од тој пат. Државите во Европа споделуваат вредности и јас мислам дека во текот на денешниот разговор взаемно се убедивме со колегата Спасовски дека двете наши држави ги споделуваат тие европски вредности, истакна Демерџиев.

Работната средба на двајцата министри се одржа денеска во Министерството за внатрешни работи во Скопје. На средбата, како што рече Спасовски, била потенцирана одличната соработка меѓу полициите на двете земји. 

Демерџиев исто така му предал документи на Спасовски во врска со заканите кон Пендиков за време на неговиот престој во болница и добил уверување дека и тие ќе бидат испитани и сите одговорни ќе бидат изведени пред лицето на правдата.