Деловната клима во Македонија низ германска лупа: Корупцијата голем проблем, пофалби за вработените
Од постојните германски инвеститори 70 отсто повторно би инвестирале во земјава. 2021 бележи рекорден раст на трговската размена помеѓу Германија и Северна Македонија, покажува најновата Анкета за деловната клима во Македонија
Германските компании кои работат во Македонија имаат најмногу забелешки за борбата против корупција и криминалот, а најзадоволни се од своите вработени, при што со највисока оценка се оценува продуктивноста на стручниот кадар и мотивацијата на вработените, покажа најновата Анкета за деловната клима спроведена помеѓу компаниите членови на Македонско-Германското стопанско здружение. Покрај тоа, голем број од анкетираните компании сметаат дека треба да има подобрување и во правната сигурност, политичка стабилност, инфраструктурата, како и поголема транспарентност при јавните набавки.
Даночниот систем даночните оптоварувања и наплатата на побарувања се оценети како мошне подобри во споредба со изминатите години.
Анкетата покажа и дека 70 отсто од германските инвеститори повторно би инвестирале во земјава, што е за еден отсто подобар резултат од минатата година, но ако се земе во предвид трендот во последните години, нема место за голем оптимизам, бидејќи ова е втор најлош резултат од 2012 откако се спроведува анкетата 2012. Дури 30 отсто од анкетираните фирми одговориле негативно на прашањето, што е исто така втор најлош резултат, по минатогодишните 31 отсто.
„Седумдесет отсто од испитаниците се задоволни од состојбите во сопствената компанија и повторно би инвестирале во земјата, оваа година тоа го видовме кај повеќе компании, тие го проширија своето производство и го зголемија бројот на вработени, што претставува одличен показател, а и трговската размена бележи рекордна година, за 6 години се има двојно зголемено. Во Северна Македонија работат 200 компании со германски капитал кои вработуваат 20.000 лица, што игра важна улога на пазарот на трудот“, истакна Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско- Германското стопанско здружение.
Инаку минатата 2021 година бележи рекорден раст на трговската размена помеѓу Германија и Северна Македонија.
„Во 2021 година стопанството сѐ уште ги чувствуваше последиците кои ги предизвика пандемијата, но и покрај оваа состојба трговската размена помеѓу Германија и Северна Македонија забележаа рекордна година“, рече Мартенс.
Во 2021 година од Северна Македонија во Германија се извезени добра во вредност од 3.474 милијарди евра, увозот од Германија 1,244 милијарди евра, додека вкупната трговска размена изнесува 4.719 милијарди евра и е зголемена во споредба со 2020 за 907 милиони евра.
На прашањата поврзани со оценката на локалните уловите испитаниците одговориле дека се задоволни од трошоците за придонеси, продуктивноста и подготвеноста за работа на персоналот.
Даночниот систем даночните отпретување и наплатата на побарувања се оценети како мошне подобри во споредба со изминатите години.
Војната која се води во Украина остава последици и врз стопанството, во однос на очекувањата за деловната состојба во своите компании дури 96,4 отсто одговориле дека се соочуваат со зголемени трошоци за енергија и репро материјали.
Од анкетираните фирми, 64,3 отсто очекуваат прекин во глобалниот синџир на снабдување, а 46, 4 отсто веќе се соочуваат со недостиг на материјали кои им се потребни за производство. Од анкетираните, 28,6 отсто очекуваат да дојде до прекин на производството и исто толку испитаници очекуваат да има пад во нарачките.
Исто така, 25 отсто очекуваат да дојде до нарушување на трговската размена. Само 14,7 отсто очекуваат дека војната ќе предизвика губење на деловни партнери.
Само 13,8 отсто очекуваат до крајот на 2022 да дојде до нормализирање на меѓународниот синџир на снабдување, а 55,2 отсто очекуваат тоа да се случи дури во 2023 година.
За германскиот заменик амбасадор Ото Граф, двете земји имаат многу сличен менталитет и се разбираат и токму тоа е причината за одличната економска соработка.
„Имаме и одлични односи со Владата и ни излегува во пресрет на сите барања, но сепак е потребно да има поефикасна администрација и подобро справување со корупцијата. Неопходно е и целосно усогласување на царинските стапки со европските за привлекување повеќе инвеститори“, рече Граф.
Анкетата за деловната клима се спроведува по 17 пат во земјава, а паралелно се прави и во 13 други држави во Југоисточна Европа.