Делови од славната базилика во Венеција се непоправливо оштетени


Големите поплави во Венеција минатата недела нанеле сериозни штети на некои мозаици и столбови во базиликата Свети Марко, објавуваат локалните медиуми, нагласувајќи дека некои елементи се непоправливо оштетени и мораат да бидат заменети.

Меѓу оштетените работи се и неколку подни мозаици на десната страна од зградата, кои прикажуваат слики од пауни и прекривка од цвеќе, се пренесува во медиумите изјавата на Пјерпаоло Кампострини, еден од прокураторите на базиликата.

Темелите на некои од мермерните столбви исто така се тешко оштетени, изјави тој.

Мозаиците се уште би можеле да бидат спасени, изјави Кампострини за АНСА, но оштетените темели од столбовите мораат да се заменат.

Полниот распон на штетата нема да се знае се додека не се исуши се, што ќе трае неколку месеци, додаде тој. Штетата која ја нанесе морето „е бавна, но немилосрдна“, изјави тој.

Венеција минатата недела ја претрпе најтешката поплава во последните неколку децении.

Нивото на водата на 12. ноември се искачи на 187 сантиметри над нормалното ниво на морето.

Плоштадот Свети Марко и внатрешноста од базиликата се тешко поплавени, а криптата целосно била под вода.