ЕУ ќе ги повлече парите за Битола – ако нема велопатеки, нема ни за објектот „Парк“
Од Делегацијата на ЕУ за „Независен“ изјавија дека доколку парите на Унијата не бидат за велосипедски патеки тие ќе одат назад во Брисел
БИТОЛА – Делегацијата на ЕУ во Скопје ќе го повлече проектот и помошта од 400 илјади евра за Општина Битола за проектот „Smart4You2“ доколку Советот на Општина Битола не најде начин да даде согласност на одлуката за кофинансирање на проектот. Едноставно кажано, ако не се изградат велопатеки нема да се реконструира ни објектот „Парк“.
Мнозинството во Советот на вчерашната седница донесе одлука да не се градат велопатеки со европски средства и покрај одобрената пренамена од европската делагација, туку парите од проектот да останат како што беше првично во проектот за реконструкција на објектот „Парк“, во скоп на Офицерскиот дом во Битола.
На прашање на „Независен“ како ќе постапи европската делегација понатаму со овој проект и средствата одобрени за изградба на велопатеките, од таму ни одговорија дека по официјализирање на целата постапка Делегацијата ќе го избрише проектот, а парите ќе ги врати назад во касата на Европската унија.
„Делегацијата на ЕУ ја даде согласноста на барањето од општината за пренамена на средства од ЕУ за поддршка на проект за изградба на велосипедски патеки. Останува на Советот да донесе одлука дали ќе го одобри проектот. Доколку таквиот амандман не добие согласност и проектот не може да се продолжи, Делегацијата на ЕУ ќе треба да го суспендира договорот. Финансиското учество на ЕУ предвидено за овие активности потоа ќе биде вратено на ЕУ“, изјавија од Делегацијата на ЕУ во Скопје за „Независен“.
Вчера, СДСМ, двајца советници од „Поинаку“, ДУИ и ДОМ, гласаа против реализацијата на велопатеки во Битола, тројца советници беа воздржани, а ВМРО-ДПМНЕ гласаше за проектот. Речиси половина година наназад во Советот се прекршуваат копјата дали со средствата од европскиот проект „Smart4You2“, треба да се градат велопатеки во Битола или не. Пред две недели и евроамбасадорот Дејвид Гир беше на средба со советниците и одговарајќи на нивните прашања им кажа дека Делегацијата даде согласност за пренамена на средствата. Но, по сѐ изгледа и тоа не беше доволно, па мнозинството излезе со нова стратегија, велосипедските патеки да ги изгради Општина Битола со сопствени средства, а парите првично наменети за обнова на руинираниот објект „Парк“ пак да се насочат за тоа. Меѓутоа сега по одговорот на Делегацијата е јасно дека ако Советот не даде зелено светло за реализација на проектот за изградба на велопатеки, како што стои во анекс договорот на Општина Битола со делегацијата на ЕУ , нема ни обнова на објектот „Парк“.
Градоначалникот Тони Коњановски е незадоволен од односот на мнозинството во Советот.
„Со неусвојување на одлуката за изградба на велопатеки, загубивме сите како граѓани на Битола, а со тоа Битола да биде ставен под знак прашалник за добивање на европски средства за реализација на нови проекти“, вели тој.
Бурни се реакции во битолската јавност за неодобрувањето на проектот за изградба на велопатеки, особено кај граѓанските здруженија кои како приоритет им е изградбата на велоинфраструктура – да се поттикнува пешачењето и возењето велосипеди, со цел да се намали моторизацијата на Битола.
Граѓанската иницијатива „Битола на точак“ реагира дека советниците го ставиле политичкиот над јавниот интерес, зашто пред локалните избори сите советнички листи ветувале велопатеки.
„Овој пораз е за проект на кој сите доаѓаа да се фалат и да се сликаат. Сите изговори изминативе години пополека паднаа во вода. За жал приватниот интерес повторно го надвладеа јавниот. Проектот ‘Парк’ испадна поважен за дел од советниците. Проект кој се реализира пред петнаесетина години со узурпација на зелен појас во дворот на Офицерски и блокирајќи го видикот на една од нашите најрепрезентативни градби“, реагираат од иницијативата.
Драган Велјанов граѓански активист, еден од организаторите за изградба на велопатеки во Битола реагира: „И тие, а и јас знам дека ниту ‘Парк’ ќе се направи, ниту велопатеки ќе се направат оти од инает очите ќе си ги истераме. Е, па, јас повеќе не учествувам во овој театар. Политичарите успеаја во намерата да го истиснат проблемот со аерозагадувањето во Битола за да не биде повеќе тема на разговор, а еве денес ја погребаа и една од последните граѓански иницијативи за Битола“.