Како Чешка ги модернизира своите термоелектрани: Божиновска и македонска делегација во Тушимице

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со претставници од Министерството и делегација од ЕСМ остварила посета на термоелектраната Тушимице во Чешка. Оваа термоелектрана, лоцирана во близина на градот Кадан, е една од најголемите во земјата и има инсталиран капацитет од 800 MW, со четири генерациски единици од по 200 MW.
За време на посетата, како што денеска соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, делегацијата била запознаена со процесите на ископување, преработка и согорување на лигнит, што се добива од локалните рудници Наступ-Тушимице и се транспортира директно до котларницата преку лентов транспортер.
Претставниците на термоелектраната ги презентирале технологиите што се користат за зголемување на ефикасноста и намалување на емисиите, вклучувајќија и модернизацијата спроведена во периодот 2007–2011 година, со цел продолжување на работниот век и подобрување на еколошките перформанси.
Министерката Божиновска ја истакнала важноста на ваквите посети за размена на искуства и најдобри практики во енергетскиот сектор, особено во контекст на енергетската транзиција и интеграцијата на обновливите извори на енергија. Таа ја нагласила потребата од примена на напредни технологии за намалување на емисиите и зголемување на енергетската ефикасност во термоелектраните во Македонија.
– Претставниците на ЕСМ изразија интерес за соработка со чешките колеги во областа на модернизација на постоечките капацитети и имплементација на иновативни решенија за производство на електрична енергија. Новинарските екипи имаа можност директно да се запознаат со функционирањето на термоелектраната, што ќе придонесе за подобро информирање на јавноста за предизвиците и можностите во енергетскиот сектор, се додава во соопштението.
Во периодот од 2007 до 2012 година, Тушимице II била целосно обновена, што ѝ овозможува работа според најновите европски стандарди до приближно 2035 година, кога се очекува исцрпување на рудникот Либоуш. Ефикасноста на електраната е зголемена за шест проценти, што резултира со заштеда на 14 проценти од горивото по произведен MWh. Надградената постројка овозможува согорување на јаглен со понизок квалитет од рудникот Либоуш во иднина. Опремата за десулфуризација на издувните гасови (FGD), изградена во периодот 1994–1997, исто така е надградена и сега ги исполнува најстрогите стандарди за емисии по 2016 година. Намалувањето на штетните емисии е значително.
Во јуни 2024 година било објавено дека Владата ја одобрила идната санација на рудникот преку негово потопување. Ќе биде создаден резервоар за вода Либоуш по завршување на ископувањата во Наступ Тушимице во регионот Хомутов. Според информациите, ископувањето на јаглен би требало да престане во периодот меѓу 2030 и 2040 година.
Оваа посета, се посочува во соопштението, претставува значаен чекор кон зајакнување на билатералната соработка меѓу Македонија и Чешка во енергетската област, со цел постигнување на одржлив и сигурен енергетски систем.