Дела на Славица Јанешлиева во рамки на серијата презентации на КСП Центар Јадро


КСП Центар-Јадро ја продолжува серијата презентации разговори во живо посветени на македонските визуелни уметници, овојпат со преглед на исклучителните дела  на Славица Јанешлиева претставени од крајот на 1990-те години до денеска.
 
Според организаторот, тоа е период кој се поклопува со драматичниите настани на транзицијата, идентитетските прашања врзани за личните и колективни сеќавања, како и проблемите за зачувување на општествената сфера.
 
– Со презентацијата ќе се направи преглед на делата со акценти на неколку позначајни проекти, од различни периоди и фази, почнувајќи од пораните дела и проекти (1997,МКЦ) и (1999, Центар за современи уметности), во соработка со Сузана Милевска, како и некои поскорешни покомплексни самостојни проекти/инсталации како „Крик“ (2002, МСУ-Скопје), и „Калемење“ (НГ-Мала станица). Во разговорот ќе стане збор и за некои позначајни меѓународни групни изложби како „Лаф Муабет“ од 2001 година, како и учеството во поновите групни изложби и претставувања на македонската современа уметност во организација на Арс Акта, посочува КСП Центар Јадро.
 
 
Творештвото на Јанешлиева се карактеризира со препознатлива способност за визуелна нарација, пренесена преку изразен мултимедијален и интермедијален пристап, инкорпорирајќи различни медиуми како графика, објект, уметничка инсталација, цртеж, фотографија, видео, уметничка книга итн.
 
– Со своите дела преку малите наративи и личните сеќавања на специфичен начин ја преиспитува улогата на уметноста во современиот контекст. Некои од највпечатливите дела на Јанешлиева, препознатливи и репрезентативни за уметноста по 2000 година, со својот препознатлив ракопис и изразена мултимедијалност, се релевантни за разгледување на актуелните проблеми и предизвици на уметноста и нејзината улога во општествената реалност, наведува КСП Центар Јадро.
 
Славица Јанешлиева (1973, Скопје), визуелна уметница која живее и работи во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика, во класата на проф. м-р Зоран Јакимовски во 1996, а магистрирала на истиот факултет, под менторство на проф. м-р Димитар Малиданов, на област графика во 1998 година. Иако по образование е графичар, таа е автор со изразен мултимедијален и интермедијален пристап, со препознатлив исказ и исклучителна дарба за визуелна нарација ги пренесува преку различни медиуми: графика, објект, уметничка инсталација, цртеж, фотографија, видео, уметничка книга итн.
 
Нејзините дела се изложувани на жирирани и курирани национални и меѓународни изложби низ целиот свет (30 самостојни изложби и околу 300 групни изложби). Добитник е на повеќе меѓународни и национални награди и признанија, а дел од нејзиното творештво збогатува значајни колекции во земјата и странство. Реализирала резиденцијални престои, учествувала и организирала професионални и студентски семинари и работилници, меѓународни предавања и курирање на изложби. Од 2006 година предава на УКИМ, на Факултетот за ликовни уметности, Катедра по графика. Во 2018 година докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Катедра за компаративни студии, под менторство на проф. д-р Владимир Мартиновски.
 
Целта на КСП Центар Јадро во серија од десет презентации да претстави македонски визуелни уметници е поголема промоција, како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена.