Декларацијата за Илинден и ужасот на македонската политика
Јавноста е во недоумица - ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека декларацијата била повлечена, а СДСМ претстави доказ дека декларацијата е поднесена во Собранието уште на 27 јули. На ВМРО-ДПМНЕ сега му пречи што на неа биле потпишани „само“ 17 пратеници

Македонската политика одамна се претвори главно во борба со соопштенија на двете најголеми партии, наместо во идеолошки и програмски определби. Со по дузина соопштенија дневно од двете страни тие ја измачуваат македонската јавност. Како што е и последниот пример околу декларацијата за Илинден. Ја доставила СДСМ или не најавената декларација за Илинден до Собранието; дали, како што тврди опозициската партија, таа била повлечена поради наводен притисок од бугарскиот државен врв или сите такви тврдења се измислени лажни вести.
Од почетокот на август ВМРО-ДПМНЕ го тврдеше ова:
„Во ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште го чекаме текстот на декларацијата за Илинден, којашто СДС ја најави пред речиси цел месец, во насока на заштита на државните интереси и значењето на Илинден за Македонија и македонскиот народ. Декларацијата СДС ја најави пред прославата на Илинден, а оттогаш има само молк и за неа и за ставовите искажани од Софија за Илинден.
И оттука прашуваме дали СДС по најавата им е забрането или се исплашија и да состават декларација со таква содржина или пак се исплашија самоцензурираа, и со тоа ја излажаа македонската и меѓународната јавност?“
Потоа уште на два пати додадоа:
„Помина Илинден, ќе помине и август, ни буква нема, а не пак собраниска седница за декларација за Илинден од СДС. Во меѓувреме, премиерот на Бугарија зборува за бугарски карактер на Илинденското востание и на востаниците, како и дека крајната цел на Илинденското востание било присоединување со Бугарија како идеал оставен за иднината и за младината. СДС се сокри со текстот за декларацијата за Илинден, ниту го објави, ниту го прати до ВМРО-ДПМНЕ барајќи консензус и унисоност за нејзино изгласување во парламентот, ниту пак до утринава можеше да се најде во собраниските документи објавени на интернет“.
Па уште и оваа изјава:
„Ниту некој ја видел, ниту некој ја прочитал, ниту пак е во собраниска процедура. Од што се исплашија Ковачевски и СДС? Јавноста чека одговор на прашањето дали под притисок на Бугарија, СДС се откажаа од декларацијата за Илинденското востание.
Искарани од Бугарија, мораа да ретерираат, па да го покријат срамот, решија да пишуваат со нивниот поголем коалициски партнер ДУИ таканаречен Манифест, сѐ со цел дефокусирање од шамарите кои ги добија од Бугарија“.
Тоа беа обвинувањата. Одговорите на владејачката СДСМ беа вакви:
„Дали ДПМНЕ нема доволно капацитет да ги следи политичките случувања во земјава? Или пак нивната определба да се служат само со лажни вести е причина за манифестираното непознавање на работите и неинформираност од страна на опозициската партија?
Декларацијата за Илинден СДСМ ја поднесе во Собранието уште на 27 јули. За поднесувањето и јавно информиравме. Согласно собраниските процедури ќе се најде и пред пратениците. ДПМНЕ треба подобро да биде информирана и да ги следи случувањата во земјата и во македонското Собрание“.
СДСМ потоа го испрати и ова соопштение:
„Со денови ДПМНЕ пласира едни исти лаги за декларацијата за Илинден којашто ја поднесе СДСМ. Што се случува во ДПМНЕ? Дали намерно пратениците на ДПМНЕ не го известиле Мицкоски дека декларацијата за Илинден е поднесена во Собранието? Доколку во ДПМНЕ меѓу себе си кријат информации едни од други тоа е едно, но изнесувањето невистини и лаги во јавноста е нешто сосема друго.
Која е целта на пратениците на ДПМНЕ не навлегуваме, тоа го сметаме за внатрешно прашање во опозициската партија, но јавноста ја заслужува вистината. Впрочем сметаме дека и самиот Мицкоски заслужува да ја знае вистината“.
Како прилог на ова соопштеније СДСМ го испрати линкот до официјалната страница на Собранието од кој се гледа дека приемот на декларацијата е заведен во архивата на 27 јули. На неа стојат потписите на 17 пратеници од коалицијата на СДСМ.
После ова ВМРО-ДПМНЕ ја смени плочата и веќе не тврди дека декларацијата не била поднесена во Собранието, што секој ден го повторуваше цела недела, туку на опозициската партија сега ѝ пречи што на неа биле потпишани „само“ 17 паретници. И иако текстот на декларацијата и образложението се наоѓа во документите доставени до Собранието, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека „СДС и Ковачевски ретерираа од Илинденската декларација, потпишани само 17 пратеници, под притисок на Бугарија молчат…. Лицемерието на СДС излезе на површина. ВМРО-ДПМНЕ јасно кажа СДС да ја пушти декларацијата, а потоа на истата ќе поднесеме суштински амандмани на линија на македонските интереси“.
И јавноста и ВМРО-ДПМНЕ можат да прочитаат што пишува во предложената декларација што е веќе во собраниска процедура. Во неа стои:
- Собранието на Република Северна Македонија по повод Сто и дваесет годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република оддава голема почит кон идеалите на Востанието и Републиката, што беа инспирација на идните генерации борци за слобода, кои на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година ја формираа првата македонската држава.
- Настаните од македонската историја и борбата на македонскиот народ за слобода и сопствена држава за Собранието се од големо значење.
- Собранието повикува идеалите на илинденците, македонските партизани и на сите кои се бореа за слободна и демократска Македонија и за рамноправност и соживот на нејзините граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или идеолошка припадност, да служат на сегашните и идни генерации како основна водилка за слободна, демократска и просперитетна Република Северна Македонија.
- Водени од принципите на Крушевската Република и Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија усвоена на Првото заседание на АСНОМ, преточени во преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија, Собранието, македонскиот народ и припадниците на другите народи кои живеат во неа и денес ја продолжуваат борбата за демократија и просперитет. 5. Собранието со оддавање длабока почит кон пожртвуваноста на борците и на сите кои ги дале своите животи за слободата и демократијата на државата, кон сегашните и идните генерации испраќа силна порака за заедништво, рамноправност и демократија. 6. Декларацијата ќе се достави до Владата на Република Северна Македонија.
- Оваа декларација ќе се објави во „Службен весник “. (Љ.П.)