Декларацијата за Илинден е поднесена во Собранието на 28 јули, вели СДСМ


 

Во редицата секојдневни меѓусебни обвинувања на најголемите партии е и декларацијата за Илинден што ја најави СДСМ. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува владејачката партија дека бугарскиот претседател Румен Радев им забранил на социјалдемократите да ја поднесат декларацијата, а СДСМ им се потсмева на вмровците дека се целосно нединформирани и дека овој документ е поднесен во Собранието уште на 28 јули.

Во денешната утринска тура на соопштенија прво ВМРО-ДПМНЕ објави дека еден месец „откако најавија некаква декларација за Илинден за заштита на државните интереси и значењето на Илинден за Македонија и македонскиот народ, ниту Ковачевски, ниту СДС збор не изустиле што содржи истата и кога ќе ја поднесат.

Им забрани ли Румен Радев на Ковачевски и владата на СДС и ДУИ да ја поднесат декларацијата… до каде е и што содржи таа декларација… зошто Ковачевски и СДС сѐ уште не ја поднеле и од што се исплашија?“

Потоа СДСМ на ова омаловажување одговори со потсмевање:

„Дали ДПМНЕ нема капацитет доволно да ги следи политичките случувања во земјава?

Или пак нивната определба да се служат само со лажни вести е причина за манифестираното непознавање на работите и неинформираност од страна на опозициската партија?

Декларацијата за Илинден СДСМ ја поднесе во Собранието уште на 28 ми јули. За поднесувањето и јавно информиравме. Согласно собраниските процедури ќе се најде и пред пратениците. Покажувајќи вакво незнаење ДПМНЕ излегува многу несериозна“.

Двете партии во меѓусебните обвинувања имаат поминато многу граници. Сега најајтуелната е што опозицијата ја нарекува владејачката партија СДС, а тие на тоа одговараат со именувањето ДПМНЕ.