Дејвид Линч најпосетен на 15. Филозофски филмски фестивал во Скопје

Првите четири фестивалски дена од 15. Филозофски филмски фестивал поминаа во возбудлива атмосфера и убава посетеност. Освен Отворањето на фестивалот во Кинотека, видно најпосетена беше проекцијата на „Изгубен автопат“ од Дејвид Линч, во којашто гостинот од Турција, Озер Озкантар, одржа излагање на тема „Изгубени автопати на умот: истражување на кинематографската филозофија на Дејвид Линч“. Публиката ја погледна првата половина од филмовите во Официјалната селекција на долгометражни филмови и три филма од Официјалната селекција на долгометражни филмови: „Последен здив“ од Коста-Гаврас, „Универзален јазик“ од Метју Ренкин и „Новата година што никогаш не дојде“ од Богдан Мурешану. По проекциите посетителите имаа можност да ги оценат филмовите и со тоа да партиципираат во дизајнирањето на наградата „Златен був“ за најдобар филм според публиката. Исто така, се прикажа и селекцијата на турски краткометражни филмови, проследена со излагање на проф. Сердар Озтурк и дијалог со публиката.
На првата понеделничка проекција од 18:00 часот, публиката ќе има можност да ги погледне преостанатите седум филма од Официјалната селекција на краткометражни филмови: „Црна дупка кај округот Кент“ (2023) од Хана Скирбик, „Возвишени врвови“ (2025) од Диого Салгадо, „Барајќи рече заборавив“ (2024) од Наоми Пасифик, „Џејмс“ (2024) од Андрес Родригес, „Речиси сигурно погрешно“ (2024) Џансу Бајдар, „Горчлива трпеза“ (2025) од Хорхе Тиелен Арманд и „Химна на чумата“ (2024) од Атака51. Потоа, од 21:00 часот ќе биде прикажан непалскиот филм „Шамбала“ од Мин Бахадур Бам, како четврти филм од Официјалната селекција на долгометражни филмови.
Претпоследниот ден на Фестивалот, ќе започне со филм кој постигна голем успех во Шпанија и на меѓународната сцена, „Светите невини“ од Марио Камус, дел од Ревијалната програма: филм-философија. По филмот ќе зборува гостинот од Шпанија Марио Ередеро Кампо на тема „Каде лежи злото“. Втората проекција за денот, во 21:00 часот, е резервирана за последниот филм од Официјалната селекција на долгометражни филмови и тоа за долгометражниот првенец на грузискиот режисер Гиорги Сихарулиѕе, „Паноптикон“.