Дејвид Боуви го нарече еден музичар негов најголем ментор


 

Музичарот Дејвид Боуви го сподели своето најдлабоко восхитување за еден од неговите колеги, не само како пријател, туку и како ментор.

Покојниот Боуви имаше многу такви пријатели кои станаа негови ментори, па дури и ментори кои станаа негови пријатели. И додека тој помина низ толку многу различни фази и епохи, како талент кој постојано се менува, кој се трансформираше помеѓу различни звуци и ликови, неговиот круг на соработници остана релативно тесен, пишува магазинот Far Out.

Тони Висконти е врвен пример за ова, бидејќи со Боуви работеше речиси од самиот почеток до неговиот последен албум, Blackstar. Иако нивната врска помина низ тешки периоди и несогласувања низ годините, комбинацијата на пријателство и длабока креативна почит секогаш ги враќаше заедно.

Таа рамнотежа е тешко да се одржи, но е навистина инспиративна кога ќе се постигне. Да се ​​има и личен однос и искрена почит и восхит кон нечиј талент и способности е основа за исклучително посебна врска – онаа што Боуви дефинитивно ја сподели со Џон Ленон.

„Невозможно е да зборувам за популарна музика без да го спомнам веројатно мојот најголем ментор Џон Ленон“, изјави Боуви во 1999 година. Бидејќи неговата кариера се развиваше во времето кога „Битлси“ се распаѓаа, Боуви несомнено беше ученик на оваа група. Невозможно е да не бил, бидејќи не е претерување да се каже дека „Ливерпулската четворка“ промени апсолутно сѐ.

Боуви сам го почувствува тоа, велејќи: „Мислам дека ми дефинираше како можеш да ја извртиш и обликуваш структурата на поп музиката и да ја збогатиш со елементи од други уметнички форми, често создавајќи нешто исклучително убаво, многу моќно и проткаено со нешто необично“.

Кога ќе размислите за кариерата што подоцна ја изгради Боуви, каде што токму ова „извртување и обликување“ на самото јадро на музиката беше неговата суштина, се чини дека влијанието на Ленон беше насекаде.

Затоа нивната прва средба беше огромен момент за Боуви.

„Беше преплашен од помислата дека ќе се сретне со Џон Ленон“, се сеќава Висконти, раскажувајќи за Би-Би-Си за моментот кога мразот меѓу нив конечно се скрши додека двајцата цртаа.

„Џон почна да црта карикатури на Давид, а Дејвид го направи истото со Џон. Постојано ги разменуваа, а потоа почнаа да се смеат и тоа го скрши мразот“.

Тоа беше почеток на она што Висконти го нарече „големо пријателство“. Не само што си ја поддржуваа работата, туку поминаа и многу време заедно, како што прават вистинските пријатели, совршено разбирајќи го притисокот на славата со кој се соочија и двајцата.

Во 1975 година соработуваа на песната Fame. Заедничкото пишување на песната веројатно беше момент за Боуви кога проверуваше дали сонува – неговиот ментор сега работеше рамо до рамо со него.