Дефа помагај, малку домашни работат со компании од зоните


Владата подготвува измени во неколку столба од економската стратегија. Едно од решенијата треба да ја поттикне соработката на компаниите во технолошко-индустриските зони и домашните компании, со што би се сменила актуелната практика дури 59 отсто од домашните компании да немаат никаква соработка со странските инвеститори. Анкетата на Сојузот на стопански комори покажала дека лани само четири отсто од компаниите биле дел од вредносните синџири на фирмите од слободните економски зони, шест проценти обезбедувале одреден тип услуга, 13 отсто имале некаков вид соработка а 18 отсто барале можност за соработка.

Дополнително, се размислува за извозно поттикнувачки мерки, за ремоделирање на образовниот систем за да одговара за пазарот, за добри и високоплатени работни места, како и за дуалното образование за добивање квалификувана работна сила, со што би се надминале сегашните дисбаланси во делот на работната сила.

На овие теми вчера во Берлин разговарале заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и д-р Валтер Дефа, специјалниот советник, номиниран од германската влада.

Владата информираше дека на средбата се дискутирало за стратегиските приоритети на Владата во насока на побрз и одржлив економски развој. „Улогата на Дефа, како професионалец со долгогодишно искуство во Европската комисија, е да помогне во модифицирање на владините стратегии, политики и проекти за усогласување со европските стандарди и регулативи, како дел од реформите во процесот на отпочнување на преговори за членство во ЕУ“, стои во соопштението на Владата, во кое се додава дека Анѓушев се сретнал и со парламентарниот државен секретар во сојузното Министерството за економија и енергетика, Томас Барајс и со копретседавачот на Мешовитиот управувачки комитет за економска соработка помеѓу Македонија и Германија, Хелге Толксдорф.

На средбата се разговараше за економската соработка помеѓу двете земји, при што вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека Соговорниците зборуваа и за активностите во рамките на Мешовитиот управувачки комитет, за интересот од германски компании за инвестиции во индустријата и во енергетскиот сектор. На состанокот е заклучено дека со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, односно мерките од планот за економски раст се овозможува сериозна поддршка за индустријата, за технолошки развој и внесување на иновации, а со тоа и повисока конкурентност на економијата во Северна Македонија, додека преку новиот закон за енергетика се отвораат нови можности за инвестиции во обновливи извори на енергија, со што ќе се придонесе за заштита на животна средина и поголема енергетска независност“, информираше Владата.

Германија е главниот економски партнер на нашата земја, со обем на трговската размена од над 3,6 милијарди евра, кој во 2018 година во споредба со 2017 бележи раст од над 15%. Дополнително радува тоа што извозот на производи кон Германија бележи раст од над 17%, а вкупниот извоз во однос на увозот е трипати повисок, при што со оваа земја остваруваме највисок суфицит во трговската размена.

Анѓушев во Германија учествува на енергетскиот форум „Берлински дијалог за енергетска транзиција“. (А.С.)