„Дедо Мраз дојде со воз“ – мултимедијален новогодишен настан на Железничката станица


„ДЕДО МРАЗ ДОЈДЕ СО ВОЗ“ е насловот на мултимедијалниот новогодишен настан, што ќе се одржува на Железничката станица во Скопје.

Премиерата на претставата е закажана за 23.12.2024 со почеток од 19 часот, на сцената, музејската поставка и перонот бр.1 на Железничката станица во Скопје.

Организатори се Училиштето за театар „Од игра до претстава“, во соработка со Јавните претпријатија: Македонски железници А.Д. ТРАНСПОРТ и Македонски железници – ИНФРАСТРУКТУРА.

Најмладите, но и сите возрасни што веруваат во Дедо Мраз, годинава ќе имаат уникатна можност да ја проследат оваа претстава која го следи големото доаѓање на ДЕДО МРАЗ во СКОПЈЕ, со вистински воз, на перонот бр.1 на скопската железничка станица.

Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата. Приказната се раскажува почнувајќи од музејската поставка „Зошто Дедо Мраз го одбра железничкиот сообраќај?“ преку мултимедијална театарска претстава „Дедо Мраз дојде со воз“ на сцената на Македонски железници – ИНФРАСТРУКТУРАзавршувајќи со разглед на специјалниот новогодишен воз на Дедо Мраз, поставен на перонот бр.1 на Железничка станица во Скопје

Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ.

Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Мила Трајковски, Ведра Димова, Александар Спироски, во кој се вклучени и учениците од училиштето за театар „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“.

За потребите на претставата, двете претпријатија покрај сценскиот и музејскиот простор, заедно со организаторите успеаја за кратко време да реставрираат ЛОКОМОТИВА создадена далечната 1942 година, серија 33 и ВАГОН што е изработен 50те години на 20. век и бил во употреба до крајот на 70. години.

Од неодамна од страна на Ванчо Милошевски, Владимир Петков, Сашо Цветановски Вагонот е реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“ што сообраќал од Лондон до Истанбул. Посебна благодарност до вработените МЖ А. Д. Транспорт и МЖ Инфраструктура кои за потребите на снимањето видео материјали за проектот, изведоа специјален маневар на Локомотивата и Вагонот.