„Дедо Мраз дојде со воз“ и ја оживеа магијата на Железничката станица
Несекојдневно, добро смислено и уште подобро изведено, годинава многу дечиња го дочекаа Дедо Мраз во Скопје, кој дојде со воз, преку мултимедијалниот новогодишен настан
„Дедо Мраз дојде со воз“, што деновиве се одржува на Железничката станица во Скопје.
На перонот број 1, толку тајновит и надреален, како што по некој ден ќе исчезне и главниот негов лик, а и самиот перон од скопската железничка станица, речиси две недели блика од светлина, целиот накитен и светкав, за да ја дочека Новата година.
Оваа Нова година, можеби ниеден воз на Македонски железници нема никого да пренесе до дома за да ја пречека Новата година со најблиските, ама успеа да ги пренесе децата во светот на бајките, во светот на верувањето, во светот на фнатазијата. Таму каде што сѐ е можно па и Дедо Мраз да стигне во Скопје со воз.
Оваа претстава што се надмина самата себеси, ја претвори Железничката станица во Скопје во посакувано место за посета. Суптилно им покажа на стотици деца дека таму постои и еден музеј, несекојдневен и полн со изненадувања, кој може да им го раскаже среќното минато на железницата, кога со многу помалку се превезувале многу повеќе среќни патници.
Од многу училишта, најчесто од Скопје, децата организирано, заедно со своите другарчиња и наставничките беа дел од оваа приказна. Учествуваа во подоготовките за пречек на Дедо Мраз, ѕирнаа во просториите на бетонското здание во центарот на Скопје од каде заминуваат ретки намерници, но доаѓа и најважниот во овој период од годината – Дедо Мраз.
Слушајќи ги веселите звуци на новогодишните познати песни, проследени со ѕвекотот на ѕвончињата, од една речиси непостоечка врата на Железничката станица (ретко кој знае дека постои) влегуваа во музејот исполнет со експонати на 151 годишната историја на македонската железница. Помошниците на Дедо Мраз ги пречекуваа возбудените дечиња и на секое му даваа задача за големиот момент кога ќе дојде дедото во црвено, со долга бела брада. Заедно со џуџињата – верните помошници кои подготвиле подарок за секое дете на светот, излегуваа на перонот борј 1, качен високо над скопските улици од каде се гледа целиот накитен град, за да влезат во специјално подготвениот новогодишен вагон. Не остана незабележана ни локомотивата која изгледа како оние од божичните филмови, а специјално подновена, светната и накитена за оваа пригода.
Авторите на проектот: автор и продуцент- Миодраг Костиќ, текст и режија – Игор Ивковиќ, осмислиле и реализирале една поинаква приказна, во која ги поканија сите деца, вечерните часови да ги поминат на Железничката станица.
Организатор е училиштето за театар „Од игра до претстава“ кое во соработка со „Македонски железници“, направиле убав камбек на овој простор, заедно со актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Мила Трајковски, Ведра Димова и Александар Спироски, во која се вклучени и учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“. Сето тоа произведува вистинска новогодишна енергија, а децата со својата актерска игра прават одличен перформанс за присутните, во кој уживаат сите.
За потребите на претставата, двете претпријатија покрај сценскиот и музејскиот простор заедно со организаторите успеале за кратко време да реставрираат локомотива создадена во далечната 1942 година, серија 33, и вагон што е изработен 1950-тите години и бил во употреба до крајот на 1970-тите години. Од неодамна од страна на Ванчо Милошевски, Владимир Петков и Сашо Цветановски вагонот е реставриран по урнекот на „Ориент експрес“ што сообраќал од Лондон до Истанбул.
Перформансот од три дела почнува во Музејскиот дел, каде доаѓаат помошниците на Дедо Мраз и Снешко, за да го најават доаѓањето на Дедо Мраз на Перонот 1 на Железничката станица. Тие ги повикуваат во контролната соба – односно театарот „Од игра до претстава“ – воодушевувачко театарско детско катче, а со веселиот перформанс трите елени, Снешкото и главниот железничар, репортерката која се вклучува од самото место на перонот и видео линиите со Дедо Мраз, кој веќе е тргнат од Лапонија, комплетно донесуваат возбудата на пречекот на Дедо Мраз, пред очите на восхитените деца. До контролната соба и качувањето кон перонот број 1, на секој агол има по некое изненадување.
Сето ова е подготовка за величествениот момент кога децата се чакуваат на Перонот број 1, каде во возот ги пречекуваат вредните џуџиња и Дедо Мраз, кој им посакува сѐ најубаво и им дели пакетчиња на сите деца.
Театарската претстава требаше да игра до 30 декември, но поради голема заинтересираност, за што повеќе деца да го видат Дедо Мраз, ќе продолжи и во првата недела од јануари 2025 година.
Како, по еден ваков перформас, чиј дел е секое дете посетител, да не веруваш дека тој толку очекуван лик од детството постои. Па, еве го, Дедо Мраз дојде со воз во Скопје!