Децата во градинка и учениците во училиштата дишат загаден воздух
Воздухот во затворени простории како училишта и градинки е позагаден отколку надворешниот во топлите месеци, во зимските пак, нема разлика, покажа проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, којшто го спроведува УНДП во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање , како и општините Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.
– Кога во текот на летото имаме повисоки концентрации внатре од надворешниот воздух. Во просек ги надминуваме препораките на Светската здравствена организација скоро за двапати, така што неопходно е да се преземат мерки, коишто би направиле условите во училиштата и во градинките да бидат и здрави и безбедни за децата и наставниците – вели проф. Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, каде што е изработена студијата.
Тој додава дека генерално ние дишеме загаден воздух и внатре и надвор, со тоа што поголем проблем ни е воздухот во затворено, затоа што подолго време, особено во зимските месеци поминуваме внатре.
Сепак, како што потврди заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, нема наменски средства за прочистувачи на воздух во градинките, туку тие самите можат да купат доколку сметаат оти се потребни од парите кои министерството им ги доделува како блок-дотации.
– За жал, ќе ги слушнеме на овие презентации оние резултати кои ги знаеме години наназад за тоа што се случува во Македонија и колкава е загаденоста на воздухот и како таа влијае на самите дечиња, на сите, но на деќињата најмногу. Факт е дека нашите клинике се полни со дечиња со заболување на нивните респираторни патишта и затоа треба сите заедно да работиме, да направиме план и да тргнеме во борба против загадениот воздух. Ние секако одбвојуваме средства како министерство за сите материјални трошоци ѓто се потребни на градинките како блок-дотации коишто ги спуштаме на локално ниво во самите правни субјекти и со тие средства можат да набавуваат самите прочистивачи за воздух, онаму кадешто е алармантно. Има можност и преку самите општини тоа да се направи, но како министерство ќе ја разгледаме можноста да можеме најдиректно на решавање на ова прашање – изјави Велковски пред почетокот на презентацијата на резултатите.
– Квалитетот на воздухот е од исклучително значење насекаде, но особено на училиштата, затоа што влијае на психофизичкиот развој на учениците, на нивните способности да размислуваат, да се сконцентрираат, да бидат креативни, но секако и на наставниците, па оттука резултатите кои ќе ги слушнеме се многу значајни. Државата мора да работи на подобрување на условите за живеење и работење и во училиштата – рече министерката за образовнаие Весна Јаневска.
Во таа насока, додаде дека се работи на енергетска ефикасност на објектите, на системите за греење, но најзначајно е што се работи на здобивање на учениците и наставниците на сознанија , односно едукација за зачувување на околината.
– Овој проблем на загадување е голем во нашата држава, во сите градови, посебно Скопје. ние како министерство за здравство се обидуваме да изнајдеме некое решение, затоа имаме и проект којшто помина во Влада и треба да се имплементира идната година. Се работи за 10 болници кадешто греењето ќе се замни од стандардно со мазут и со нафта и ќе бидат вклучени начини на греење во коишто нема да има загадување на воздухот. Владата партиципира, а има дел и донации од невладини организации – рече министерот за здравство, Арбен Таравари.
Истражувањето за квалитетот на воздухот во јавните училишта и градинки беше спроведено во пет општини (Гостивар, Струга, Куманово, Струмица и Кавадарци) покажало дека сличен е проблемот како и со амбиентниот воздух бидејќи е надминат дозволениот лимит на суспендирани цврсти честички, но другите загадувачи, како гасови и биоаеросоли, биле во прифатливи граници. За разлика од надворешната загаденост, за внатрешната има повеќе можности за справување со проблемот.
Истражувањето е дел од проектот за справување со загадувањето на воздухот во наведените пет општини, имплементиран од УНДП и со финансиска поддршка од Шведска.