Децата уште во прво одделение ќе ја учат химната


Лажните вести како глобален феномен во последните неколку месеци се нагласено присутни и во нашиот медиумски етер, а најмногу ги има на интернет-порталите, од каде што потоа со голема брзина се шират по социјалните мрежи. Но она што во последно време е сè позабележително е дека политичарите веќе не се кријат зад одредени ботови и јавно ја манипулираат јавноста во обидите да се  наметне впечаток дека некој интензивно работи на продажба на државата. Последен таков пример е со македонската химна, која наводно исчезнала од учебниците во основните училишта.

Претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош, Тони Јаревски, деновиве се обиде да создаде револт кај јавноста, пласирајќи ја информацијата дека во новата наставна програма химната е отстранета. Власта, според него, сметала дека поважно за ќерка му е да ги научи и пее „Џелем, џелем“ и албанската „Шхтатори“.

Неговата објава на „Фејсбук“ се мултиплицираше експресно, без дополнителна проверка низ повеќе медиуми. Целта, за жал, во првите моменти тој си ја постигна. Јавноста остро реагираше. Пискотници се слушнаа и од иселениците чиишто деца учат на друг јазик. Обединета македонска дијаспора (ОМД) ја осуди владината одлука за вадење на македонската химна од школските учебници по основно образование.

„Химната е значаен столб на државноста и изучувањето на државната химна во основните училишта суштински ги обединува младите генерации, без разлика на нивната етничка припадност“, се вели во соопштението на ОМД.

Дополнително масло на огнот фрлија некои од квази естрадните ѕвезди кои на социјалните мрежи порачаа дека не знаат за други, ама тие знаеле што и како ќе ги учат своите деца. Во Преспанскиот договор нема одредба за елиминирање на химната во образовниот процес, што создаде дополнителна забуна во јавноста.

По ваквиот развој на настаните реагираа од Бирото за развој на образованието. Тврдат дека класична лага е дека изучувањето и пеењето на македонската химна се изоставени од новите наставни програми.

„Што се однесува до изнесените дезинформации дека изучувањето и пеењето на химната се изоставени од новите наставни програми, за разлика од претходните наставни програми, најодговорно тврдиме дека тоа се невистини и упатуваме, секој што е заинтересиран, да ги погледне и спореди претходните и новите наставни програми“, велат од Бирото.

Со химната учениците се запознаваат уште во прво одделение по наставните предмети општество и музичко образование, како и во петто одделение, каде што јасно стои во наставната програма по општество дека учениците преку интегрирани активности по музичко и по ликовно образование ги изработуваат симболите и ја учат химната (наставна програма од 22 мај 2008 година).

Годинава Бирото за развој на образованието изготви нови наставни програми по предметот музичко образование за шесто, седмо, осмо и деветто одделение, со цел учениците да ги изучуваат културните различности преку песна. Тоа е новината во програмата, изучување на мултиетничките различности преку песните на албански, влашки, бошњачки, ромски, турски, српски јазик, покрај оние на македонски јазик, поради мултиетничкиот карактер на општеството и зближување на народите.

„При изработката на новите наставни програми нема никаква поврзаност, ниту умисла да се отстрани химната од наставните програми, туку и понатаму останува како и досега, таа да се изучува во основното училиште и да се изведува кога тоа го бара наставната програма или на различни свечени пригоди во училиштата“, велат од Бирото за развој на образованието и нагласуваат дека македонската химна останува во образовниот систем за изучување како и досега.

Родители на деца во прво и петто одделение потврдуваат дека нивните деца уште на првите часови ја учеле македонската химна. (Н.К.)