Дебата во Штип за измена на Законот за локална самоуправа – отповик на градоначалник и комунални редари главни постулати
Модернизирање на Законот за локална самоуправа е целта на јавните дебати, кои ги организира Министерството за локална самоуправа, истакна денеска министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој присуствуваше на втората јавна дебата во Штип, а во која учествуваа градоначалници од неколку региони, експерти и претставници на здруженија на граѓани.
-Три главни постулати се, првиот е референдумска можност за отповик на градоначалник, којшто несовесно постапува или оној којшто не ја извршува својата функција. Втората е да се воведе и во законот да се препознае комуналниот редар. Затоа што навистина имаме можеби мал број да се превенираат и тие девијантни појави, коишто ги имаме од граѓаните и третиот главен постулат којшто се однесува во насока на измените на Законот за локална самоуправа се поголема вклученост на граѓанскиот сектор, бидејќи на тој начин сметаме дека локалните самоуправи можат да носта поиздржани и поквалитетни решенија за граѓаните, вели Перински.
На новинарско прашање, дали измените и дополнувањето на Законот за локална самоуправа ќе почнат да важат пред да се одржат новите локални избори и дали поттикот е по случајот со скопската градоначалничка, Данела Арсовска, министерот за локална самоуправа Перински со одговор дека овие јавни дебати предвидуваат сет на консултации со експертите и граѓаните.
-Адаптацијата на Предлог измените на Законот за локална самоуправа да заврши до крајот на март и потоа да влеземе во консултации со сите парламентарни политички партии и да отвориме таму една дискусија, за да и таму ги презентираме работите, коишто сакаме да ги имплементираме во новото законско решение. Така што очекувањата се од следните локални избори изменетиот Закон за локална самоуправа ќе биде применлив. Главната иницијација за референдумски отповик на градоначалник, меѓу другото е и да е состојбата којашто ни се случува во Скопје.Но, главната иницијација се потребите и барањата на граѓаните. Сите функционери во Република Македонија се заменливи, освен градоначалниците и сметаме дека тоа не значи казна за градоначалниците, туку напротив ние тоа го гледаме како подобрување и зголемување на квалитетот на нивната работа, изјави Перински.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска истакна дека општините не смеат да си дозволат да чекаат само на повиците и можност Владата да ги финансира проектите, кои какошто вели се примарна обврска на општините. Според Јорданов треба да се направи критериум, како и врз основа на наплатата на даноците, на капиталните расходи што ги имаат во буџетите еден градоначалник, односно општина да се компарира со другите општини, а во насока на поефикасно работење и развој на општините.
-Не смееме да дозволиме општините, градоначалниците вклучувајќи се и јас самиот себе да оставиме можност да не се развиваат општините и ова да зависи од волја на одреден градоначалник. Во исто време не смееме да дозволиме општините да бараат милост за развој на средините, за развој на општините. Така да она што е многу значајно и битно е да има контролен механизам на функционирањето на локалните самоуправи, вклучувајќи ги градоначалниците. Во исто време фискалната децентрализација е значајна, но исто така и критериумите по кои ќе се одвива таа фискална децентрализација е многу битна, вели Јорданов.
Универзитетскиот професор, Гордан Георгиев истакна дека преку консултативните средби со градоначалниците, невладиниот сектор и експертите ќе се обидат да направат интервенции на неколку нивоа во Законот за локална самоуправа. Забележува дека станува збор за стар Закон, кој го поминал тестот на времето, а какошто вели со сите нови искуства откриени се неколку аспекти, кои можат да се подобрат. Според него на три нивоа може да се разговара за измени и дополнувања на Законот за локална самоуправа, меѓу кои односот на општината и граѓаните кон јавното добро, хигиената, вториот сегмент е во обврските на градоначалниците и Советите на општините кон граѓаните.
-Колку треба да бидат поотчетни кон граѓаните, подостапни кон граѓаните и мал сегмент којшто ќе предвидиме и ќе поразговараме околу можноста и европските практики за отповикување на градоначалниците. Се разбиора вие ги знаете тука се работи за разни проценти, до кое ниво би било продуктивно, до кое ниво би било контра продуктивно, вели Георгиев.
Настанот е организиран од страна на Министерството за локална самоуправа, со поддршка од проектот „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, а кофинансиран и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, во соработка со други национални институции и ЕЛС.
Целта на овој настан е да овозможи активно вклучување на локалната самоуправа и невладините организации во процесот на подготовка на измените и дополнувањата на Законот, со што се обезбедува поголема транспарентност и инклузивност.