Дебата: Тој што има претприемачки потенцијал ги препознава можностите и во време на криза
Ова е време на економска криза и проблеми, но и на можности. Тој што има претприемачки потенцијал ќе ги препознае можностите и ќе ги искористи. Нашата задача е да создадеме соодветни услови тоа да се случи, порачаа учесниците на денешната јавна дебата „Иновации во турбулентни времиња“ .
Според експертите, претприемачите се секогаш на удар.
-Претприемачите се трагачи по можности и тие секогаш се на удар. Постојат многу ограничувања во делот на опкружувањето и бизнис климата. Серкогаш тоа го потенцираме во ова општество. Ние треба само да креираме рамка, соодветни насоки и соодветна клима кои ќе овозможат развој. Има претприемачка енергија во последните години од група млади лица активни во делот на претприемништвото, кои сакаат да креираат. Идејата е да ги задржиме, да го искористиме нивниот потенцијал и нивната желба за повеќе, за раст и развој, за создавање нови можности на пазарот. Еден од начините за да ги задржиме е образованието, а друг е општествениот контекст. Треба и да изградиме став – да им дозволиме на луѓето да згрешат зашто во бизнисот, ако не успеете е многу голем проблем. Не се простува во тој дел никаква грешка, веднаш следува етика „несоодветен за соработка“, истакна професорката Александра Јанеска – Илиев од Економскиот факултет на УКИМ.
Според неа, континуирано трагаме по принцот на бел коњ – да дојде некоја странска компанија, да не спаси.
-Претприемништвото и иновациите треба да дадат одговор како ние сами да се спасиме, зашто, како и во животот, принцот ретко доаѓа, почесто доаѓа коњот, потенцира Јанеска – Илиев и потсети дека од регистрираните 70 000 фирми во земјава, 99,9 отсто се микро, мали и средни претрпијатија. Засега, дополни, најголем интерес за претприемништво има во ИТ секторот, но постојат раздвижувања и во здравствени услуги.
Лоренс Рид од Фондацијата за економско образование оцени дека во турбулентни времиња како сегашното, нивото на ризик за инвестиции се зголемува.
-Фер е да се каже дека во сегашните, актуелни услови тие ризиици за инвестирање во Источна Европа можеби се подобри отколку пред шест месеци. Во секоја ситуација, и на турбуленции и во мирно време, постојат можности, но прашањето е кој ќе ги види и кој ќе има храброст да инвестира, да се обиде да создаде капитал. Од една страна, би требало да кажеме дека не ни се добредојдени турбулентни периоди, но од друга, не треба да речеме дека тоа значи и губење на можностите, зашто можностите се се уште тука, нагласи Рид.
Осврнувајќи се на претприемачите, Никос Сотиракопулос од Институтот Ајн Ранд рече дека недоволно ги цениме луѓето кои значително ни ни го подобруваат животот. Треба, додаде. да бидеме малку по свесни за она што тие го креираат и создаваат.
-Сите си ги цениме мобилните телефони, но не ги цениме и луѓето кои ги произведуваат. Не само што не ги цениме, туку дури сметаме дека тоа е нивна одговорност, нивна должност кон нас. Најмалку што можеме да направиме во оваа смисла, е да кажеме „благодарам што ми го направи животот подобар“, да ја поддржиме и да ја браниме слободата да се прави тоа. Тоа е пораката што сакам да ја пренесам од оваа дебата, подвлече Сотиракопулос.
Професорот Кристофер Лингл од Универзитетот „Франциско Марокин“ во Гватемала смета дека е најзначајно да се прошири доменот на човековите слободи. Само така, рече, земјите и поединците ќе може да просперираат.
На прашањето во врска со руско-украинскиот конфликт, тој порача дека инвестициите од која било земја би биле добредојдени за проширување на основата на економијата, но мора да се биде внимателен во однос на тоа кои се можните ефекти.
-Проблемите со инвестиции со автократски земји како, на пример, Русија и Кина, е што тие работат според други, поинакви стандарди. Тие не се толку заинтересирани за заштита на приватните права или човековите права или слободата на поединецот, а и нивните амбиции се некако поинакви. Ми изгледа дека Кина и Русија, на пример, имаат речиси империјалистички амбиции во однос на територии, проширување на границите и навлегување во спорови. Инаку, инвестициите од која било земја би биле добредојдени за проширување на индустриската основа, односно основата на економијата. Но мора да се биде внимателен во однос на тоа кои се можните ефекти. Во случајот со Кина, на пример, и нивните инвестиции во многу земји во Азија чии влади западнале во долгови кон кинеската влада, која всушност преку кинеските компании добива пристап до ресурси, пристаништа. Постои ризик во таа смисла. Имајќи ги предвид актуелните случувања, би бил многу внимателен. Исто така, во актуелните случувања со конфликтот во Украина со Русија, Русија е на некој начин „лошиот“ во сето тоа, така што ако зависите од нив, и тие, компаниите што инвестираат, станат оние компании што се изолирани во смисла на пристап до финансиски капитал, тоа исто така може да е проблем. Треба да се биде многу внимателен, објасни професорот.
Јавната дебата „Иновации во турбулентни времиња“ ја организираа Центарот за австриска економија од Виена и Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, во рамки на меѓународната иницијатива Free Market Road Show.