Давитковски: Како што му го дала, владата може да му го одземе државјанството на Онишченко


Професорот на Правниот факултет по управно процесно право, Борче Давитковски, за „Слободен печат“ објаснува дека постапка за да му се одземе државјанството на Олександр Онишченко во земјава постои и дека, доколку се сака да се спроведе, е апсолутно можна.

Професорот вели дека согласно законот за општа управна постапка, органот кој го донел актот за доделување на државјанство, а во конкретниот случај  тоа е Владата, може согласно Законот да го поништи тоа решение и да го огласи за ништовно кога е очигледно повреден материјалниот закон. Давитковски додава дека ако Владата го поништи своето решение за доделување на државјанство на Онишченко, тогаш тоа ќе има ретроактивно дејство, односно на олигархот ќе му бидат поништени и личната карта и пасошот.

– Постои и втора можност, а тоа е да се укине решението, но при укинувањето (кое е различно од поништувањето), во иднина ќе му останат и личната карта и пасошот, посочува професорот.

Тој додава дека државјанството на Онишченко е доделено во случајов по член 11 од Законот за државјанство, поради спорт.

-Треба да се провери и, некој ако згрешил, да одговара. Ако има грешка, тогаш тоа решение треба да се огласи за ништовно и владата е надлежна да го поништи , вели тој.