Данска сака да помогне да се направат уставните измени
Во Националниот совет за евроинтеграции Данска ги претстави приоритетите на своето претседателство со ЕУ. Проширувањето е во срцето на данското претседателство, рече амбасадорката Перниле Кардел

Најважната порака што ја имам денеска за вас е можноста за проширувањето којашто е поголема сега отколку што била подолго време. Би сакале да ја видиме Северна Македонија како дел од следната група земји што ќе станат членка на ЕУ. Знаете што треба да се направи, а ние сме тука да ви помогнеме и да ве поддржиме тоа да се случи, истакна данската амбасадорка за земјава со седиште во Белград, Перниле Деилер Кардел, претставувајќи ги приоритетите на данското претседателство пред Националниот совет за евроинтеграции во Собранието.
„Важно е да се искористи можноста, не може да се гарантира, но можноста за проширувањето е тука, ги знаеме предизвиците, но важно е да работиме заедно, отколку да бидеме оставени по страна, со цел да се увериме дека оваа убава земја во следното проширување ќе стане дел од ЕУ“, истакна амбасадорката.
Таа оцени дека Данска осми пат претседава со ЕУ, меѓутоа, како што рече, првпат ние како претседателство не знаеме што ќе донесат наредните шест месеци.
„Несигурната геополитичка ситуација секој ден е пред нас и исто така и многу големо влијание има и врз приоритетите на данското претседателство. Мотото е ‘Силна Европа за време на промени’. Под ова мото имаме два сета на приоритети, првиот е за безбедна Европа, која може да се одбрани самата, којашто има силни надворешни граници, меѓутоа е и безбедна Европа затоа што се прошируваме, додека вториот сет приоритети е конкурентна и безбедна Европа. Проширувањето е во срцето на данското претседателство. Мислам дека за многу од нас руската агресија вр Украина е поивик за будење и тоа повторно ја активираше потребата од тоа Европа да се обедини и да биде посилна и затпа сега акцентот е на проширувањето“, рече таа.
Данската амбасадорка призна дека пред извесно време имало замор во проширувањето и оти нејзината земја била таа што не верувала во проширувањето, но, според неа, тоа сега променило.
„Сега имаме една единствена порака – дојде време да се здружиме, да бидеме обединети, и да продолжиме со проширувањто како еден од главните приоритети на данското претседателство“, заклучи амбасадорката на Данска.
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани истакна дека во време на глобални превирања потребна ни е Европа што стои цврсто зад европските вредности, а натамошното проширување е политичка неопходност.
„Копенхашките критериуми мора повторно да бидат мерилото според кое се мери напредокот. Не билатералните условувања, туку институционалните капацитети, владеењето на правото, и демократскиот легитимитет. Данска ја разбира оваа реалност не само како техничка задача туку како политичка обврска. Затоа за нас претставува добра вест акцијата на данското претседателство да ја подготви ЕУ за проширување со внатрешни реформи“, рече Муртезани.
Според него, Северна Македонија одамна го прифатила европскиот систем на вредности како сопствени честопати и со висока политичка цена, ја следи европската патека со реформи, компромиси и отпорност.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, се осврна на безбедносните предизвици со кои се соочува Македонија, а поврзани со странски влијанија и дезинформациски кампањи, кои се наведуваат во Извештајот на Европскиот парламент.
„Би сакал данската амбасадорка да каже дали ова го земаат предвид и дали се анализира овој дел од Извештајот, кога се зборува за зајакнување на безбедносната политика. Тоа дека Северна Македонија останува предмет на непријателски операции на странско влијание, вклучително напори за поделба на општественото ткиво на земјата и искористување на антиевропските чувства, особено преку таблоидите и медиумите на српски јазик кои функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ и уживаат значително влијание“, рече Филипче.
Тој ја потенцираше и важноста на политичките договори што се направени во минатото, кои, како што кажа, не се само договори коишто решаваат политички проблеми.
„Имено, во Преспанскиот договор има еден сериозен дел кој укажува на развој на потенцијално партнерство со Грција во делот на обновливите извори на енергија, и тоа е нешто што во овој контекст Европа, сметам, треба да го има на ум и да го вгради во сопствената стратегија“, истакна Филипче. Во однос на безбедноста, тој ја поздрави одлуката на ЕУ за зголемување на инвестициите во воената индустрија и градење на автономна безбедносна политика, независна од трети актери.
Претседател на Комисијата за европски прашања, Антонио Милошоски,
По однос на данското претседавање, Милошоски истакна дека го забележал обраќањето на министерката за Европа на Данска на КОСАК во Копенхаген, која што, како што посочи тој, напоменала дека за Данска ставот за проширувањето на ЕУ пред руската агресија во Украина бил порезервиран и поскептичен.
„После руската агресија врз Украина ставот на данската Влада по однос на темата за проширување се менува, и е позитивен, и се надеваме дека тоа нема да биде само заради Украина, туку дека ќе биде и за целиот регион“, рече Милошоски.
Тој оцени дека ЕУ има еден сериозен недостаток, а тоа е дека нема капацитет за едногласност на глобално ниво.
„Тој недостаток е што нема капацитет да зборува во еден глас на глобално ниво, нема капацитет да зборува во еден глас дури ни на темата проширување, сѐ додека едногласно се одлучува во ЕУ на овие теми. Едногласното одлучување во ЕУ овозможува една земја-членка заради нерационални причини или злоупотреба на билатерлани проблеми, да блокира процеси коишто имаат пошироко значење од било кои билатерални прашања на земја-членка и земја кандидат. Децениско повторување на истите фрази дека моментот е сега, го слушавме уште од Хавиер Солана пред 20 години, потенцира Милошоски.
И денес, продолжи Милошоски, слушаме повторно дека моментот е сега, но не сме сигурни дали ЕУ има капацитет овој момент сега да го преточи во еден календар којшто ќе даде извесност дека земјите кандидати во следните три, шест или осум години ќе станат земји-членки на ЕУ, без да бидат попречувани на теми коишто немаат допирна точка со Копенхашите критериуми.