Данска ќе дозволи наставниците да употребат сила за да им го врати авторитетот


Од 1967 година, данските наставниците смееја физички да интервенираат кај учениците само ако нивната безбедност или безбедноста на другите е загрозена. Од август 2027 година, ако помине новиот предлог-закон, ќе им биде дозволено да „држат ученик, да го задржат на место или да го одведат во друга просторија против негова волја“ доколку го нарушува редот на часот, пренесува „Телеграф“.

Реформата што ја предложи централно-левичарската влада во Копенхаген, пишува медиумот, е една од најконтроверзните реформи во данското образование во последните години.

Во моментов, наставниците смеат да употребат сила само ако ученикот претставува опасност за себе, за другите или за училишниот имот.

Законот, изготвен од Министерството за образование, следува по повиците на националниот синдикат на наставници, кој подолго време предупредува дека управувањето со учениците што го нарушуваат редот станува сè потешко.

„Наставниците не смеат да бидат оставени во недоумица за тоа што смеат да направат кога ситуацијата ќе ескалира. И ниту еден наставник не треба да се плаши дека ќе добие отказ затоа што интервенирал кога тоа било неопходно во насилна ситуација“, рече министерот за образование, Магнус Хојнике.

Речиси 60 години, употребата на сила во училиштата во Данска е практично забранета, откако во 1967 година земјата ги забрани телесните казни.

Зголемување на насилството меѓу децата
Данските наставници се соочуваат со зголемено насилството меѓу децата, особено во пониските одделенија, па велат дека се плашат од последиците доколку интервенираат.

Истражувањето објавено од Министерството за образование на 1 октомври покажало дека во текот на 2025 година физичко насилство меѓу учениците било пријавено најмалку еднаш во 55 отсто од одделенијата, а во 36 отсто од нив инцидентите се случувале еднаш во месецот.

Физичко насилство било пријавено во 75 отсто од одделенијата во најниските класови, од нулто до трето одделение, додека процентот се намалил на 59 отсто во одделенијата од четврто до шесто и на 27 отсто меѓу седмо и десетто.

Најголемиот дел од насилството бил концентриран кај мал број ученици. Во 60 отсто од одделенијата во кои биле пријавени инциденти, било наведено дека биле вклучени само едно или две деца.

Истражувањето не открило општа поврзаност меѓу етничката припадност на учениците и повисоките нивоа на насилство или агресивно однесување.

„Во текот на изминатата година, секој трет наставник се воздржал од физички контакт за да воспостави ред во училницата, од страв од негативни последици“, изјави Гордон Орсков Мадсен, претседателот на синдикатот на наставници.

Предлог-законот првично го подготви Матијас Тесфаје, поранешниот министер за образование, минатата есен.

Враќање на авторитетот
Тесфаје изјави дека сака да даде приоритет на враќањето на „дисциплината“ и „авторитетот“ во училиштата, а ги осуди родителите чии деца, според него, имале „pissedarligt opdragede“ – дански израз што означува „катастрофално лошо воспитување“.

Предлог-законот предизвика контроверзии, а повеќе од 500 образовни експерти и невладини организации претходно потпишаа авторски текст со кој протестираа против реформата.

Расмус Кјелдал, директорот на Националното здружение за правата на децата, изрази загриженост дека „врската на доверба меѓу учениците и нивните наставници ќе биде нарушена ако наставниците се однесуваат како полицајци“.

Предлог-законот е сличен на законодавството во Англија, според кое наставниците смеат да употребат „разумна физичка сила“ за да спречат нарушување на редот, но никогаш како казна.