Данокот за солидарност ќе ги скрати инвестициите, велат од Стопанската комора на северозападна Македонија


Според анализите на Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија врз основа на она претставено од претставниците на институциите надлежни за овој процес, 76,4 милиони евра кои ќе се соберат во државната каса ќе бидат товар за над 200 домашни компании, а во просек секоја компанија ќе треба да плати кон државата над 380 илјади евра, соопштија денес од оваа бизнис асоцијација.

„Овие средства, секако, се дел од програмите на компаниите за инвестирање, но Владата им ги зема овие средства со што им оневозможува реализација на овие инвестиции кои се од суштинско значење, особено во овој пост кризен период, во кој нашата економија се соочува со многу различни проблеми“, велат од СКСЗМ.

За ова, меѓу другото, стана збор на средбата која што раководствот на СКСЗМ ја имаше со претставници на ВМРО-ДПМНЕ  на чело со претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

„Целта на овој состанок беше да се разговара за различни економски прашања поврзани со политиките во земјата, при што фокусот беше ставен на иницијативите за даночни реформи но и данокот на солидарност, иницијатива која во моментот е во собранието на РСМ и се очекува да се донесе со брза постапка“, посочувата од комората.

СКСЗМ на овој состанок ги изложи компликациите кои овие иницијативи, особено последната, ги предизвикуваа врз економијата на земјата, казнувајќи ги компаниите кои оствариле добивка во 2021 година во ретроактивен начин, што воедно е и противуставно согласно член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија.

Меѓу друго, се разговараше и за локалната власт, особено во контекст на водење бизнис, каде што многу компании се соочуваат со различни пречки, особено оние од градежниот сектор.

Исто така, се разговараше и за недостигот на работна сила, каде што СКСЗМ ги презентираше своите ставови и предлози за елиминирање на проблемот со миграцијата на младите, каде што прва точка треба да биде намалувањето на придонесите за плати за да бидат поконкурентни со повисоки плати за работната сила, како и зголемувањето на квотите за увоз на работна сила на 15.000 работници годишно, бидејќи бизнис секторот има значителни недостатоци.

Нелојалната конкуренција и сивата економија беа други теми кои беа елаборирани, а СКСЗМ истакна дека е партнер со сите кои се борат против овие појави кои предизвикуваат намален економски развој и раст на нашата земја, но и имаат силно влијание врз стимулирањето на заминувањето на младите од државата, се вели во соопштението од средбата.