Даночните и царински системи во Западен Балкан се слични, може да помогнат за побрз економски развој
Поентирање на регионалната соработка во делот на даноците за земјите кои имаат слични даночни системи со нашиот е фокусот на експертите на конференцијата „Регионална интеграција преку подобри даночни и царински системи на земјите од Западен Балкан”, а во организација на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ), која денеска се одржува во Скопје. Павле Гацов аналитичар-експерт за даночен систем вели дека даночната администрација на овие земји можат да ја олеснуваат коресподенцијата со даночните обврзници, а особено кога има прекугранични трансакции, во смисла на плаќања, односно увоз-извоз.
-Мислам дека земјите со слични даночни системи во регионот и во контекст на борба за привлекување на странските инвестиции треба да ги користат ваквите даночни соработки и се во контекст на побрз, засилен економски развој, вели Гацов.
Ксенија Поповиќ-Коцевски аналитичар во ЗМАИ забележа дека направиле повеќе препораки во делот на царината, коишто можат да бидат исполнети со цел земјите од регионот, координирано да функционираат.
Ксенија Поповиќ-Коцевски аналитичар во ЗМАИ
-Предлагаме унифицирано координирање на царините, коишто ги опфаќаат остантите царински давачки, а коишто знаме дека за царинските земји меѓу земјите на ЦЕФТА изнесуваат нула. Дополнително за овие царински давачки треба да бидат направени унифицирано намалување, односно сето тоа треба да биде направено координирано и внимателно со цел да не се оштети конкурентноста на некои од земјите, вели Поповиќ-Коцевски.
Посочува дека земјите од регионот треба да работат и на услогласување на царинските и граничните системи, со цел да има поголема ефикасност, брзина, транспарентност.
-Предлагаме дополнително, Македонија која е стратешки поставена во регионот да се постави во овие регионални соработки, како земја којашто е безбедна членка на НАТО и дополнително на тоа да ги привлекува меѓународните организации и институции во регионот, за да може да има поврзување на Македонија со глобалните текови, рече Поповиќ Коцевски.
Забележа дека меѓу земјите во регионот е и зголемен извозот преку „Отворен Балкан“. Република Северна Македонија го има зголемено извозот кон Србија во 2022 за 55%, кон Албанија е зголемен за 45 %.