Данела по 21 пат бара да се изгласаат еко автобусите што ги вети лично Мицкоски


Град Скопје денес, по 21 пат, ја доставил до Советот предлог одлуката за нови еколошки автобуси до советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои повеќе од две години не гласаат за неа, а имаат мнозинство.

-Бидејќи согласно закон градоначалник не може да донесе одлука за набавка на нови автобуси, единствена одговорност по повеќе од две години за недостатокот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, од кои како власт и мнозинство во Град Скопје, зависи дали ќе има нови наместо дотрајани еко автобуси и подобар превоз.

Со цел советниците од ВМРО ДПМНЕ да немаат оправдание за неносење на одлуката за нови еколошки автобуси, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска континуирано им предлага да го контролираат целосно процесот, односно  банката која ќе го финансира проектот, како и условите за набавка на еко автобусите да ги изберат самите советници во рамки на Советот, бидејќи оваа одлука единствено тие можат да ја донесат.

Како очигледна демонстрација на сила и самоволие, спротивно на деловникот и статутот Претседателот на Советот, Трајко Славески, ниту на седница на Советот закажан за 19 јуни не ја стави точката за нови автобуси на дневен ред за гласање. Иако поради недостаток на автобуси и дефекти скопјани чекаат на автобуските станици, за нови автобуси ВМРО ДПМНЕ не гласа иако ги имаат ветено пред граѓаните на локалните избори во 2021 година.

Во претходниот мандат 2017-2021 година советниците на ВМРО ДПМНЕ гласале за набавка на еколошки автобуси на предлог на СДСМ, во истата форма како и сега и без никакви забелешки, бидејќи тогаш сметале дека треба да поддржат нови автобуси во интерес на граѓаните. За потсетување претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски  лично ги ветуваше новите еко автобуси за скопјани, за кои дури најави и дека преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, но до сега повеќе од 2,5 години тоа ветување не се реализира, како ни неговото ветување за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје која континуирано изјавува дека лично ја поддржува.

Досега според програмата требаше да се набавуваат секоја година по 50 автобуси за да се постигне квалитетот на превоз и услуги кои граѓаните ги заслужуваат и да се испорачаат до крај на мандатот 250 автобуси, стои во соопштението на Град Скопје.