Дамјан Сорел е нов шеф на Регионалниот центар за Западен Балкан на Европската инвестициска банка
Европската инвестициска банка (ЕИБ Глобал) го именува Дамјан Сорел за шеф на Регионалниот центар за Западен Балкан, соопшти преставништвото на банката во С. Македонија. Како што велат оттаму, Сорел ја презеде должноста од Алесандро Брагонци, кој ќе ја продолжи својата кариера во седиштето на банката.
„Преку ова ново раководство, а заедно со своите партнери, банката ќе остане посветена на поддршката на транзицијата кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод, поттикнувајќи го усогласувањето со стандардите на ЕУ и поттикнувајќи го економскиот раст на Западен Балкан“, се вели во соопштението.
„Чест ми е што ја преземам оваа позиција и ја продолжувам работата на моите претходници во помагањето на Западен Балкан да преземе одлучувачки чекори кон остварување на нивните амбиции за пристап кон ЕУ, со декарбонизирање на нивните економии, зголемување на поврзаноста и подобрување на условите за живот и бизнис“, рекол Сорел при преземањето на функцијата. Тој додал оти како долгорочен партнер на регионот, банката на ЕУ постојано обезбедува финансиска и техничка поддршка за изградба на клучна инфраструктура и подобрување на оперативните капацитети.
„Ќе останеме на тој пат, тесно соработувајќи со Европската комисија, Инвестициската рамка за Западен Балкан и сите наши партнери“, вели Сорел.
Регионалниот центар на ЕИБ Глобал е со седиште во Белград и ги поддржува активностите на банката во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.
Инаку, Дамјан Сорел ја започнал својата кариера во одделот за финансирање на проекти на адвокатската фирма Linklaters LLP пред да се приклучи на правниот тим на ЕИБ којшто се фокусира на операциите во Африка, БИСА (Блискиот Исток и Северна Африка) и Азија. Во 2019 година, тој ја основал и раководел со канцеларијата на банката во Бејрут, а во 2022 година се приклучи на тимот за финансиска инклузија како виш кредитен службеник. Тој има двојно француско и британско државјанство, дипломирал англиско право на Кралскиот колеџ во Лондон, магистрирал француско право на Универзитетот во Париз I Пантеон-Сорбона, а исто така се стекнал и со звање магистер по меѓународни односи на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева.