Дамева не се повлекува од Судскиот совет, ќе остане на спротивната страна од „корумпираните“


Поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, во изјава во изјава за „Дојче Веле“ (ДВ) вели дека е убедена оти на јавноста ѝ е познато зошто била разрешена од функцијата.

Таа излезе со истата порака како и кога беше разрешена, дека во судовите нема место за корумпираните судии и затоа вели дека ќе остане да биде член на Судскиот совет додека не се обидат да ја отстранат и оттаму.

„Што се крие зад ’вистинските‘ причини за моето повторно разрешување, без присуство на јавноста, со грубо прекршување на сите правила и процедури, убедена сум дека тоа на јавноста и е веќе добро познато. Јас останувам доследна на изјавата која ја дадов на денот на мојот избор за претседател на Судскиот совет – дека за корумпираните судии нема место во судовите. Од оваа заложба не отстапувам и токму поради тоа останувам да бидам член на Судскиот совет, сè додека не се обидат да ме ’отстранат‘ и од таа позиција. За корумпираните судии компромис нема. Граѓаните заслужуваат да живеат во правна држава во која владее правото, а државата заслужува самостојно и независно судство“, вели Дамева за ДВ.

Таа првично беше разрешена со седум гласа „за“ на 26 април по иницијатива на нејзиниот заменик Селим Адеми. Постапка за разрешување на претседател не е предвидено ниту со Законот за Судски совет ниту со Деловникот за работа, а начинот на кој се случи нејзиното отстранување на функцијата предизвика низа реакции кај стручната јавноста.

За постапката за разрешување на Дамева Коалицијата „Сите за правично судење“ изготви извештај во кој меѓу другото се наведува дека престанок на мандат, во смисла на разрешување, може да постои само како резултат на сторена дисциплинска повреда согласно членот 34 од Законот за Судски совет за која мора да се спроведе дизциплинска постапка, а по сето тоа за да се донесе одлука за разрешување на член на Советот, за истата мора да гласале најмалку 8 члена со право на глас, при што мора да гласале за разрешувањето и најмалку двајца членови избрани од Собранието, а притоа членот за чија одговорност се одлучува и членот кој е подносител на барањето не учествуваат во гласањето.

-Поради ова, Судскиот совет не можел да донесе одлука за разрешување од функцијата претседател на Судски совет без да донесе одлука за разрешување на членот како член на Судски совет, односно не ја испочитувал процедурата во која може да се одлучи за каква било дисциплинска одговорност на член, вклучително и претседателот на Судски совет, како и ја донел одлуката со несоодветно мнозинство, односно наместо со 8, одлуката ја донел со 7 гласа „за“, од кои еден бил и глас на членот кој ја покренал иницијативата за разрешување, нагласуваат од Коалицијата.