Дали зелените пазари и трговските центри ќе стават клуч во неделите – се прават анализи
Министерството за труд и социјална политика доби задача во рок од 15 дена да изготви законско решение со кое ќе се ограничи работењето во неделите
Што ќе биде со работењето во неделите на зелените пазари, на трговските центри, или на вработените во дејностите каде што природата на работата не дозволува прекин, како на пример медиумите и тн? Сите овие дилеми се наметнаа по одлуката на Владата неделата да се прогласи за неработен ден, а Министерството за труд и социјална политика доби задача во рок од 15 дена да изготви соодветно законско решение со кое ќе се регулира кои дејности можат да бидат ослободени од работењето во недела.
Дали Владата има претходна анализа што би работело, а што не во недела, како и дали ќе работат маркетите, трговските центри и дали тие што ќе работат на овој неработен ден ќе добијат соодветна надомест, кој ќе го плати тоа (фирмите или државата)? Ова прашање вчера му беше поставено на владиниот портпарол Душко Арсовски на онлајн прес конференција, кој рече дека тоа ќе се знае откако ќе биде подготвено законското решение.
„Дозволете, Министерството за труд и социјална политика има рок од 15 дена да достави законско решение. Ќе видиме и ќе биде многу појасно тогаш“, рече Арсовски.
Од Синдикатот не го кријат задоволството што нивното барање е прифатено од страна на Владата, слично размислуваат и вработените кои мораат да работат и во неделите за да обезбедат егзистенција, но од друга страна стопанствениците укажуваат на економските последици од една таква мерка врз компаниите, но и врз целата економија. Пред се поради намалување на побарувачката, која пак значајно влијае врз домашниот бруто-производ. Угостителите, на пример, и со сегашните рестриктивни мерки, кои го ограничуваат нивното работење ддо 21 часот, најавија отпуштање на вработени.
Затечени се и на зелените пазари, каде што добар дел од купувачките се одвиваат токму во неделите. И големите трговски центри во неделите остваруваат голем дел од прометот, не само од потршувачи во земјава, туку и од земјите во соседството.
Сепак, кои се дејности ќе бидат опфатени со ваквата мерка за сега не се знае. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека се формира работна група која преку компаративни анализи и на потребите на работните процеси во одделни сектори, како и преку консултација со другите министерства, ќе подготви предлог законско решение, кое потоа ќе треба да го помине владиниот филтер, како и во Собранието, пред да почне да се применува.
Премиерот Зоран Заев на Фејсбук го кажа неговиот став: „Ова решение е во интерес на граѓаните, неделата треба да биде ден посветен на одмор, ден за поквалитетно време за секој граѓанин на кого тоа му е потребно, ден за семејството, ден за себе“, напиша на неговиот профил на оваа социјална мрежа.
Од друга страна, ваквиот оптимизам не го делат повеќето стопанственици со кои разговаравме, особено оние од производството. Некои велат дека ќе продолжат да работат и дека во законските решенија треба да се земе во предвид природата на производниот процес, особено кај извозните фирми, односно оние чие производство е дел од големите синџири за снабдување.
„Ова е целосно социјалистичка мерка“, коментира директор на една голема компанија, кој сакаше да биде анонимен. „Наместо да се стимулира потрошувачката, ние ќе се правиме дека сме Германија, Данска или Франција“, вели тој додавајќи дека капиталот треба да биде целосно искористен, во спротивно ефектите ќе бидат неповолни за целата економија. Според него, мерките претежно ќе се однесуваат на работењето на моловите и на маркетите, по примерот на некои земји во Европа.
И други стопанственици укажуваат на економските последици од неработењето во недела.
„Ние имаме за пет до десет пати помал домашен бруто-производ од развиените држави кои можат да си дозволат таков луксуз да не работат во недела. Во Македонија во неделите не само што луѓето од околните места доаѓаат во Скопје да пазарат и да трошат, туку имаме голем прилив од Косово, од Грција, од Бугарија кои во многу наши места носат девизни приливи“, вели претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.
Стопанските комори за сега немаат став за ваквото законско решение, очекувајќи да бидат консултирани во процесот на креирање на конкретните решнија.
Од друга стана, синдикатите, кои ја иницираа ова мерка, не го кријат задоволството.
„ССМ уште во 2018 година кога започнаа преговорите за потребата од нов Закон за работните односи изготви свој предлог текст на Законот во кој покрај другото составен дел беше и барањето недела да се утврди како неработен ден за работниците“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија каде што додаваат дека ваквата иницијатива беше едно од главните нивни барања на синдикалниот марш во 2018 и 2019 година, како едно од клучните прашања кои треба да се решат.
„Во регионот неколку земји (Словенија и Црна Гора) ја воведоа неделата како неработен ден и праксата покажа дека тоа е паметен потег“, велат од ССМ.
Нивните анализи и примери покажуваат дека работникот ќе биде попродуктивен, ќе има повеќе време за семејството, за одмор и професионално надградување и дообразување, поврзано и со здравјето на работниците, а обврските можат да се завршат во текот на неделата, а истовремено да не трпи ниту бизнисот ниту работниците и граѓаните.
„Со ваквото право, работниците конечно ќе знаат дека недела е неработен ден и ќе го почуствуваат тоа, особено работниците во оние дејности каде што не се знаеше кога имаат слободен ден кога се на работа“, соопштија од синдикатот.
На прашањето дали мерката ќе се однесува на сите дејности или пак, ќе има исклучоци, од ССМ ни одговорија дека тоа прашање веројатно ќе се дискутира со Министерството за труд и социјална политика во наредниот период, односно овие две недели кога треба да се изготви предлог законското решение.
И во сегашаната регулатива постојат одредби со кои се регулира работењето во неделите, но во практика тоа често се злоупотребува и многу вработени се целосно незаштитени од злоупотреби на работодавците. Како што велат од „Гласен текстилец“ кога тоа би се почитувало, текстилните работници би земале по 30 илјади денари плата. Токму поради нефункционирањето на овие одредби покажува дека се потребни вакви ригорозни мерки, велат од таму.
Од друга страна, пазарџиите се затечени. Велат дека доколку забраната се однесува и на нив, ќе останат без значаен дел од приходите.
„Јас сум трговец поединец, каква врска има со мене некоја иницијатива на синдикатот?“, вели продавач на зелениот пазар „Буњаковец“. Неговото мислење го делат и луѓето од кои што се снабдува со земјоделски производи чија свежина е пресудна за да се продадат, како на пример шампињони и слични производи.
Со ваквото законско решение Македонија ќе им се приклучи на Црна Гора и на Словенија каде што веќе се применува ограничување за работа во неделите. Црна Гора беше првата земја во регионот што во октомври 2019 година забрани работење на продавниците во неделите. Неодамна тоа го стори и Словенија, која на 30 септември донесе закон со кој се забранува работење на продавници во недела и државни празници. Слични иницијативи има и во Хрватска и во Босна и Херцеговина, но таму се уште се водат дебати.
Во соседна Србија исто така со месеци се водат дебати на оваа тема, но таму нема согласност да се воведе такво ограничување. На почетокот на годинава против оваа идеја се изјасни и српскиот претседател Александар Вучиќ, според кого забраната за работтење во неделите во Хрватска и во Црна Гора не се покажала како добро решение.
„Јас сум против тоа. Секој човек би сакал да има загарантирано слободно време. Може некој, но немој мене да ме тераш, јас сакам да работам“, изјави тогаш Вучиќ, додавајќи дека треба да се поттикнува растот на економијата. „Треба да се се фалиме дека работиме повеќе, а не помалку. Знам дека никој не сака тоа да го слушне, но тоа е вистина“, рече тој.
Според податоците на Еурокомерц за 2017 година, практиката меѓу земјите членки на Европската унија е различна, иако над половина од нив имаат ограничување на работењето во неделите. Австрија е една од земјите каде што е строго забрането да се работи во последниот ден од седмицата, а слични правила има и во Франција, Германија, Белгија, Холандија, Кипар, Чешка, Унгарија, Исланд, Луксембург, Шпанија, Полска, Грција, но и во Велика Британија, која што излезе од ЕУ. (М.Ј.)