Дали „Треска“ ќе стане новиот Холидеј ин?

Советничката група во Центар тврди дека се распродава државно земјиште по багателни цени, Општината и приватните сопственици остро демантираат


Советничката група „Шанса за Центар“ ги повика граѓаните да бидат будни бидејќи, според нив, можни се несакани случувања поврзани со градежните активности на просторот на фабриката „Треска“.

„Добивме одредени неофицијални информации дека во следните месеци ќе се случи
решавање и спроведување на спорниот план за Буњаковец кој го опфаќа и подрачјето на
фабриката  Треска на начин што ќе ги обезбеди интересите на поединци и инвеститори, но нема
да се заштити јавниот интерес. Во обид да превенираме и со време да ја информираме
јавноста сакаме да ги посочиме следниве точки и да поставиме неколку прашања за кои до
денеска немаме добиено официјален одговор:

• Резултатите од идејните решенија од конкурсот за фабриката ‘Треска‚ сѐ уште не се јавно
обелоденети. Иако Општината вети чекаме изложба повеќе од 6 месеци за да ги видиме понудените и наградени решенија.  Градоначалникот одбива соработка и со Партиципативното тело за урбанизам кое го бара објавувањето и ветената изложба.

• ‘Шанса за Центар’ повеќе месеци бара податоци за состојбата и третманот на
државното земјиште на овој потег. Дали е продадено или не? Дали се
дооформуваат парцели или не по стариот план, непочитувајќи ги конкурсните
решенија? Да потсетиме – повеќе од 47 отсто од земјиштето е државно и не смее
да се случи тајна продажба и дооформување на парцели по закони кои не го штитат
јавниот интерес ниту граѓаните. Промените на Законот за урбанистичко планирање
не влијаеа на промена на планирањето во интерес на заедницата, ниту успеаја да ги
разбудат институциите за запирање на штетните планови од 2012 година.

• Јавно прашуваме зошто по 5 години законите и уредбите за дооформување
парцели во сооднос имаш 30% си докупуваш 70% сѐ уште не се променети, или се
распродава имот во Центар во четири очи за багателни цени. Зошто системот за
продажба на државно земјиште нема никаква транспарентност за јавноста? Зошто
легализацијата се дозволува и се спроведува полесно отколку справувањето со
дивоградбите, а за тоа никој не одговара?

Ги повикуваме сите институции, невладини организации и оние кои треба да го заштитат
јавниот интерес и интересот на државата да го следат случајот околу ‘Треска’ за да не
ни се повтори ситуација како кај Холидеј ин, Нова Македонија и други места низ центарот
на градот. Бараме општината да одговори на следните 3 прашања:

1.Дали и колку државно земјиште е продадено или е во фаза на продажба на овој потег во последната година.
2. Кога најпосле ќе ги видиме решенијата од конкурсот за Треска.
3. Дали градоначалникот свесно ги занемарува и работи спротивно од одлуката на претходниот Совет и во договор со малкумина е спремен да направи штета за многумина?

На средина на 2022 година ние не смееме да си дозволиме реализација на планови од 2012 покажувајќи немоќ. Последиците од тие планови се видливи и не придонесоа за поубав град за неговите жители туку за обезличување, нагрдување, бетонизација, губење зеленило, интензивен сообраќај, топлотни острова, неотпорност на климатски промени. Сите заедно имаме обврска да не ги повторуваме научените грешки. Ги повикуваме и граѓаните активно да се вклучат и будно да следат како се менува градот , а со тоа се менува и нашиот живот и секојдневие. Само активни граѓани можат да придонесат за демократско општество“, стои во изјавата  на „Шанса за Центар“.

Општина Центар ги отфрла овие тврдења велејќи дека советничката група по секоја цена се обидувала да ја дефокусира јавноста.

„Општина Центар ниту има продадено земјиште надвор од законските прописи, ниту вакво нешто ќе се случи во иднина. Градоначалникот на Општина Центар неколкупати досега изјави дека се залага за хуман урбанизам, поради што веќе излегува на терен да ги види фактичките состојби, локацијата и местоположбата на објектите кои се предмет на поднесени барања за градба.

За конкретниот случај, со споменатите парцели кај ‘Треска’ до Општината се стигнати  6 предмети за дооформување градежна парцела и 20 предмети за откуп на земјиште под објект и по овие постапки општината сè уште нема одговорено. Што се однесува на законските регулативи и зошто уредбите за дооформување парцели не се променети цели 5 години, ‘Шанса за Центар’ треба да знае дека општината воопшто нема надлежност ниту било каква можност да изврши било какви промени“, велат од Општината.

Од таму додаваат дека просторот кај  „Треска“ ќе се уредува заедно со Деталниот урбанистички план (ДУП) за Буњаковец 1 и 2, а не како посебна целина. Општина Центар потенцира и дека тврдењата на „Шанса за Центар“ кои наведуваат дека 47 отсто од земјиштето е државно, не се точни затоа што всушност се работи за вкупно земјиште од околу 15% кое треба да се дооформи, додека останатиот дел се јавни површини како пешачки патеки, улици и тротоари кои воопшто не се предмет на дооформување.

Со експресна реакција се јавија и сопствениците на приватни парцели на таа локација демантирајќи ги наводите на „Шанса за Центар“.
 

„Ние сопствениците на приватните имоти во напуштениот индустриски капацитет ‘Треска’ во општина Центар остро реагираме на изнесените невистини и обвинувања од страна на ‘Шанса за Центар’ и претседателката на Советот, Јана Белчева. Тие денеска се обидоа да претстават во јавноста дека нашите приватни имоти, кои сме ги купиле на најлегален начин, се дел од некакви законски малверзации и неправилности.

Во целост демантираме дека како сопственици на приватните парцели, ни било ‘тајно’ продавано државно земјиште за дооформување на нашите приватни имоти и целосна лага е дека во ‘четири очи’ се продава државно земјиште. За ваквите обвинувања бараме итно извинување од Белчева и ‘Шанса за Центар’“.

Во нивната реакција тие ги кажуваат истите ставови како и Општината околу државното земјиште. „лага е дека 47% од земјиштето кое е државно ќе се распродава. Одговорно тврдиме дека државното земјиште останува државно, а за додоформување на имотите има уште 15% и тоа се прави согласно законот. Сè останато е во државна сопственост и спаѓа во делот на улиците, тротоарите и други јавни површини. Зошто Белчева се обидува да манипулира со вистинските бројки прикажувајќи дека се ‘разграбува’ државен имот“, велат сопствениците на имотите?

Тие тврдат дека конкурсот за кој зборуваше „Шанса за Центар“ и кој се споменуваше многупати овие години „е целосно невалиден и спротивно на било кој закон бидејќи во него не е испочитувано правото на сопственост“. Но не наведуваат врз кои одредби на законот конкурсот е навалиден. 

Како сопственици на имотите се запишани фирмите „Годен арт“, „Мега“, „Акустик“, „Пелистер“ и група физички лица.