Дали таксата за ЦО2 ќе ја „задуши“ македонската индустрија?
Без финансиска и техничка поддршка, многу бизниси - особено малите и средните претпријатија – се соочуваат со проблем при исполнувањето на климатските цели
На нешто повеќе од една година, кога треба да почне да се применува новата давачка за емисиите на јаглероден диоксид, во нашата земја како да се крена нивото на тревога на највисоко ниво. Владата подготвува законски и подзаконски акти, стопанството е во исчекување како таксата за ЦО2 ќе се одрази врз нивното работење и врз конкурентноста, регулаторите предлагаат одложување на почетокот на примената за што е потребен и регионален пристап, а дел од енергетичарите укажуваат на последиците и велат дека пребрзо сме ставиле потпис на документ со кој сме презеле прилично комплицирани и според нив, неостварливи обврски на кус рок. Загриженоста кај некои оди до таму што велат дека може да дојде до натамошна деиндустријализација, што ќе има сериозни економски ефекти врз земјата.
Ако е за утеха, загриженоста не е само кај нас, туку е присутна и во земјите од Западен Балкан, но и во самата Европска унија. Така, „Еуроактив“, во поголема анализа предупредува дека последиците може да бидат многу негативни за некои од електроинтензивните индустрии, како што е производството на алуминиум, како и дека Европа не може да си дозволи да води климатска политика која го поттикнува производството и емисиите надвор од нејзините граници.
Како и да е, 1 јануари 2026 година е терминот за кога е предвидено да почне да се применува она што прифатено со потпишувањето на Софиската декларација во ноември 2020 година, кога земјите од регионот се обврзаа, меѓу другото, дека со цел да ја поддржат декарбонизацијата во Западен Балкан, ќе работат на воведување механизми за оданочување на емисиите на јаглерод диоксид (CO2) и на усогласување со Европскиот систем за тргување со емисии – EU ETS.
Во јули 2021 година, Европската комисија предложи воведување заштитен механизам за увоз на енергетски интензивни производи од земји кои немаат воспоставен систем за оданочување на ЦО2, како дел од предлогот за законодавна рамка за постигнување на целите за декарбонизација на ЕУ од 55 отсто до 2030 година со таканаречен прекуграничен данок на ЦО2 (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM). ЦБАМ важи и за увоз на електрична енергија. Беше предвидено законските прописи во ЕУ да бидат донесени до крајот на 2022 година, а спроведувањето на наплатата на прекуграничниот данок на ЦО2 да започне од 1 јануари 2026 година.
Таксата за јаглероден диоксид може да се примени на два начини. Како што појаснуваат од Регулаторната комисија за енергетика, едниот пристап е директно да се имплементира на цената на електричната енергија произведена од термоелектраните, што значи дека за 60-70 евра за мегават час би се зголемила цената на вака произведената електрична енергија, а вториот пристап е за секој производ од Македонија кој што ќе се извезува во земја членка на ЕУ да се воведе дополнителна такса.
Тоа секако ќе биде голем удар за домашните, но и за компаниите од регионот, и за целите стопанства кои што настојуваат да фатат чекор со европските стандарди, а земјите да го достигнат барем просекот на стандардот во ЕУ.
Шест категории производи
Како што појаснуваат од Министерствотo за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), регулативата ЦБАМ опфаќа шест категории производи (железо и челик, алуминиум, водород, ѓубрива, цемент и електрична енергија) произведени во трети земји кои треба да се увезат во земја-членка на ЕУ.
„Целта на оваа мерка е да се обезбеди еднаков надоместок за јаглеродните емисии на слични производи, без разлика дали се произведени во земја-членка или во трета земја. Механизмот е во комплементарност со Системот за тргување со емисии на ЕУ кој се користи за наплата на емисиите на стакленички гасови во постројките на територијата на Европската унија и обезбедува рамноправност при увоз на стоки преку потребата за ЦБАМ сертификати. Кога се увезуваат стоки опфатени со регулативата ЦБАМ, важно е да се поседуваат соодветни податоци за емисиите на стакленички гасови за да може увозникот да ја процени потребата за ЦБАМ сертификати. Повисок степен на декарбонизација подразбира намалување на емисиите на стакленички гасови, и затоа количината на сертификати ЦБАМ потребни за увоз на одреден производ на пазарот на ЕУ е помала“, велат од Министерството за енергетика.
Од таму посочуваат дека земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, се меѓу најпогодените, бидејќи нивната подготвеност за усогласување со регулативата е ограничена.
„За жал, во изминативе години многу малку се правеше за обезбедување на потребните услови, а сега останува малку време за целосно исполнување на условите до 1 јануари 2026 година“, велат од МЕРМС.
Министерството за енергетика работи на предлог-законот за енергетика, а се предвидуваат и активности од МЕМО и МЕПСО за поврзување на пазарите. Треба да следи донесување на соодветни подзаконски акти и соодветни активности од страна на МЕМО и МЕПСО со цел да се спои пазарот ден-однапред, како и да се воспостави пазар во тековниот ден, кои понатаму треба да се спои со европските пазари во тековен ден.
Во меѓувреме, Министерството за животна средина ќе треба да воведе систем за трговија со емисии, согласно Директивата на ЕУ ЕТС. Потребна е и дополнителна администрација за мониторинг, известување и акредитација. За да профункционира системот за следење и наплата на емисиите, неопходно е градење на административните капацитети, вработување на соодветен кадар во министерството за животна средина и просторно планирање кој ќе работи на имплементација на овој систем и соодветно обука. Откако овој систем є воспоставен, ќе може да се воспостави соодветна наплата на јаглероден надоместок.
Во контекст на подготовките за новата давачка, е и одлуката на Владата од минатиот месец со која на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, беше донесена Уредба за гаранции за потекло на електрична енергија со која се отвора патот кон издавање на Гаранции на потекло (Guarantees of origin – GOs) од страна на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО.
Гаранција за потекло е електронски документ чија цел е обезбедување на доказ за потрошувачите дека определен удел или количина од енергијата е производена од обновливи извори на енергија. Овие гаранции за потекло се користат во Европската унија со цел следење и потврдување на потеклото на електричната енергија со што се промовира еколошка одговорност, транспарентност и доверба на потрошувачите на енергетскиот пазар.
Регистер на гаранции на потекло
Од Владата притоа соопштија дека гаранциите за потекло се од огромна важност особено за домашните компании кои извезуваат на европскиот пазар кои ќе можат да докажат дека во оперативниот процес користат чиста енергијата т.е. енергија од обновливи извори, а со тоа го намалуваат јаглеродниот отпечаток.
Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ќе го воспостави и води регистарот на Гаранции на потекло односно нивно издавање, евидентирање на пренос, признавање, укинување или поништување.
Во изминатиот период МЕМО, со поддршка на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, стана член – набљудувач на Асоцијацијата на издавачки тела (Association of issuing bodies – AIB) која е водечка европска асоцијација за енергетска сертификација, посветена на обезбедување транспарентност преку стандардизација на гаранциите за потекло.
Ова оди во прилог на мислењето на експертите, дека Македонија не стои ни многу полошо, ни многу подобро особено споредено со земјите од регионот, кога станува збор за енергетска транзиција.
Последните неколку години има значително инсталирање на капацитет со обновливи извори на енергија особено фотоволтаици, дел за сопствени потреби, а дел за продавање, но проблемот е што и натаму доминира производството на електрична енергија од јаглен, а притоа капацитетите односно термоцентралите се стари.
Паралелно со подготовките што ги прави државата, исто толку, ако не и повеќе е важна подготвеноста на стопанството за новата давачка. Според информациите што ги имаат во Министерството за енергетика, домашните извозници веќе се подготвуваат преку ангажирање на фирми од ЕУ за изработка на извештаи за емисиите.
„Одржани се обуки за разјаснување на системот во Стопанска комора, а Министерството за финансии ангажира консултанти за процена на влијанието на оваа нова регулатива, но нивните анализи сè уште не се доставени. Исто така, во план е и формирање работна група која ќе работи на имплементацијата на ЦБАМ“, велат од Министерството.
Во оваа насока е и мислењето на Беса Татеши, раководител во Министерствот за животна средина, која учествуваше деновиве на панелот „Македонија на патот на енергетска транзиција“, во рамки на самот „Енерго Технома“. Таа на прашањето на „Независен“ во врска со таксата за ЦО2, односно колку стопанството е подготвено да го поднесе тој трошок и што треба да направиме како држава за да се приспособиме, посочи дека Законот за климатска акција е во изработка и е во последна фаза на усогласување.
„Во законот има основ за подзаконски акти кои што подетално ги опишуваат, односно даваат подетални информации во однос на процедурите кои што ги спомнавте. За подобро да ги сфатиме самите процедури треба прво да се донесе законот и подзаконските акти. Законот се работи со помош на ИПА фондови, значи со експерти од Европска унија, а исто така и подзаконските акти кои ќе произлезат од тој закон“, истакна Татеши.
Таа вели дека операторите, односно индустријата се запознаени со оваа новина, за што биле организирани голем број на проекти на кои тие се како таргет.
„Значи, прво се информираат, па се обучуваат по однос на проблематиката“, вели таа.
Во однос пак, на заблешките дека како земја, но и регионот во целина, не е подготвен, таа рече дека е време да се стави приоритет на прашањата за животната средина.
„Здравјето на човекот мора да биде над се. Касниме за многу работи, индикатори ни се загадениот воздух, климатските промени, загадената почва, загадените води… Мислам дека е време да го промениме пристапот по однос на животната средина како целина и да не мислиме дека тоа е спорт само за богатите. Треба да знаеме да ги искористиме фондовите кои што ни се нудат бидејќи не е мал износ на пари и време е сите заедно да одиме кон почиста животна средина“, истакна таа.
Запрашана дали обврската за плаќање на данокот останува, таа одговори: „Апсолутно. Подзаконските акти се уште се работат и ќе кажат колку и како, но ова не е проблем што ја засега само нашата земја. Плаќањето на данокот ќе мора да има некаков регионален пристап“.
Колку се подготвени компаниите
Од Стопанската комора на Македонија, пак, посочуваат дека регулативата која се однесува на „Механизмот за гранично јаглеродно прилагодувањe (ЦБАМ)“ која стапи на сила на 1 октомври 2023 година е со бројни и долгорочни последици за економиите надвор од европскиот блок кои се трговски партнери на ЕУ.
„Со оваа регулатива за сега се опфатени компаниите од секторите: железо и челик, алуминиум, цемент, ѓубрива, водород и електрична енергија, но по 2026 г. се очекува да бидат опфатени и дополнителни сектори. Досега компаниите од овие сектори ги извезуваа своите производи во ЕУ без да подлежат на данок за јаглеродот што се емитува директно и индиректно во процесот на производство на нивните производи. Со имплементацијата на Механизмот за гранично јаглеродно оданочување ова ќе се смени, односно ќе се воспостави цена на јаглеродот на увезените производи во ЕУ“, велат од Стопанската комора.
Оваа преодна фаза на ЦБАМ е проверка на реалноста за некои од компаниите.
Оттаму, како што нагласуваат од Стопанската комора, постои итна потреба од техничка поддршка за да се изградат капацитети и да се обезбедат насоки за компаниите во сите фази. Треба да се воспостави сеопфатен екосистем, за да се здружат ресурсите и да се обезбеди доволно квалификувана работна сила за поттикнување на зелената трансформација.
„Компаниите сакаат да се декарбонизираат, но се соочуваат со конкурентни и оперативни предизвици: За компаниите ЦБАМ-от е комплексен поради обемната документација и недостатокот на национална поддршка; инфраструктурни предизвици во зголемување на интеграцијата на обновливите извори на енергија; јавниот сектор треба да ги подобри упатствата и процедурите за компаниите за исполнување на барањата за декарбонизација, се само некои од предизвиците што ги посочуваат стопанствениците“, велат од Стопанската комора за „Независен“.
Во однос на влијанието на новата давачка врз конкурентноста на домашните фирми, од Стопанската комора велат дека приватниот сектор генерално има позитивен став во однос на Зелената транзиција, гледајќи на овој процес како можност за технолошка трансформација и зголемена конкурентност. Но, без соодветна финансиска и техничка поддршка, многу бизниси – особено малите и средните претпријатија – се соочуваат со проблем при исполнувањето на климатските цели.
Оттаму, велат дека е неопходно комбинирано финансирање, поддршка за градење капацитети, како и квалификувана работна сила се приоритет за да се поттикне оваа трансформација.
„Неодамнешното истражување во рамките на студијата за ниршоринг и декарбонизација, објавена минатиот месец од страна на Коморскиот инвестициски форум во соработка со Виенскиот институт за меѓународни економски студии (WIIW), укажува на позитивна перспектива меѓу компаниите. Иако се свесни за предизвиците што ги претставува декарбонизацијата, тие ги препознаваат и можностите што ги нуди, позиционирајќи ја оваа транзиција како потенцијално средство за технолошка трансформација и полесно интегрирање кон единствениот пазар на ЕУ. Компаниите се свесни дека декарбонизацијата не е идна цел туку итна потреба“, нагласуваат од Стопанската комора.
Како што додаваат, инвестирањето во нови технологии е од клучно значење за зајакнување на глобалната конкурентност, бидејќи одржливоста се смета за извор на додадена вредност. Сепак, примарниот предизвик е што, повеќето бизниси се борат сами да се справат со оваа трансформација.
„Од тие причини потребна е директна помош и поддршка од сите засегнати страни во овој процес: Потребно е да се обезбедат финансиски стимулации и техничка поддршка за да им се помогне на домашните компании да се декарбонизираат и да ги исполнат меѓународните стандарди; Потребно е воведување на нови законски регулативи и подобрување на управувањето на институциите и инфраструктурата во земјата; Соработката помеѓу компаниите, универзитетите, институциите е еден од клучните предизвици во насока на прилагодувањето кон ЦБАМ“, велат од нашата најголема асоцијација на стопанствениците и додаваат дека ова е период на учење за сите инволвирани страни, со цел разбирање на соодветните улоги и задачи предвидени со механизмот.
Во рамки на Стопанската комора веќе се организирани низа настани и обуки со цел информирање но и обучување на компаниите за ЦБАМ-от, неговата примена, изваестување по истиот, калкулирање на јаглеродни емисии во производството и сл. Дополнително, во рамки на Коморскиот инвестициски Форум на Западен Балкан, изготвен е и сеопфатен прирачник за ЦБАМ којшто за компаниите нуди детални информации во поглед на изготвувањето на извештаите, процесот на следење и известување на параметрите како и структурата за известување по сектори.
„Препознавајќи ја ургентноста, Стопанската комора ги интензивира активностите во насока на сеопфатно третирање на се што носи темата ЦБАМ, се со цел компаниите подобро да се подготват за да се во полна кондиција да се носат со целокупниот процес кој не е ни малку наивен. Дополнително на веќе добро воспоставената пракса за поддршка на компаниите, функционира и Центарот за циркуларна економија при Комората кој покрај неговата првобитна намена, го опфаќа и прашањето за јаглеродното оданочување, препознавајќи ги циркуларната економија и јаглеродното оданочување како тесно поврзани процеси во транзицијата кон јаглеродна неутралност која е предвидена да се достигне до 2050 година“, велат од Стопанската комора.
Во однос на прашањето како таксата за ЦО2 ќе влијае врз конкурентноста на домашната економија, од Министерството за енергетика велат дека компаниите кои ќе бидат опфатени со ЦБАМ го гледаат овој механизам како предизвик, бидејќи бара значителни инвестиции во декарбонизација за да се избегне новиот надоместок.
Како што појаснуваат од Министерството за енергетика, за да се избегне ЦБАМ, компаниите треба да докажат дека користат електрична енергија од обновливи извори.
„Воведувањето на ЦБАМ ги поттикна компаниите да инвестираат во обновливи извори, а некои веќе поседуваат свои капацитети од обновлива енергија или планираат набавка на таква енергија, што може да ја елиминира потребата за надоместок. Најавата за воведување на ваквиот данок е и една од причините што имаме таков бум на капацитети од обновливи извори на енергија (ОИЕ). Доколку биде изграден систем преку кој ќе може да се докаже дека потеклото на електричната енергија која се користи во производството е од обновливи извори на енергија, тогаш нема да се плаќа овој данок“, велат од Министерството за енергетика.
Во подготовка е Закон за климатска акција
Во регулативата за ЦБАМ механизмот, наведен е привремен исклучок од обврската за плаќање ЦБАМ надоместок при извоз (само) на електрична енергија во земја-членка на ЕУ. За да подлежиме на исклучокот треба да ги исполниме следните два услови:
Прво, да постигнеме целосно спојување на пазарите за електрична енергија и тоа за пазарот ден однапред и во тековниот ден, најдоцна до 31 декември 2025 година.
Второ, да развиеме патоказ и да се обврземе на имплементација на механизам за наплата на Јаглероден надоместок, со цена која ќе е еквивалентна на ЕУ ЕТС цената до 2030 година и да се заложиме за постигнување јаглеродна неутралност најдоцна до 2050 година
Првата точка е во надлежност на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) и на неа се работи интензивно. Во однос на втората точка, која е во надлежност на Министерството за животна средина, земјата треба интензивно да работи на воспоставување на систем за трговија со емисии, поточно првично за воведување на МРВА пакетот (monitoring, reporting, verification and accreditation) кој е дел од Директивата за ЕУ ЕТС 2003/87/ЕЦ.
Во однос подготовките на домашните институции, од Министерството за животна средина упатуваат на документ за реформите што се прават во оваа област „Работа на цените на јаглеродот со цел да се воспостави Европската шема за тргување со емисии (ETS) до 2030 година: развој, усвојување и целосна имплементација на пакетот за следење, преиспитување, верификација и акредитација (MRVA)“.
Во него меѓу другото се вели дека регулативите, усогласени со стандардите на Европската унија, се клучни за поставување на основата за идниот ЕТС.
„Ефикасното имплементирање на пакетот МРВА е од суштинско значење поради неколку причини, како прецизно собирање податоци што овозможува прецизни пресметки на ограничувањата на емисијата, обезбедувајќи ефикасно функционирање на системот; спречување на измама, односно силната проверка на податоците помага да се спречи лажното известување и да се одржи интегритетот на системот; и трето, кредибилитет: веродостојните податоци за емисиите ја зајакнуваат довербата на јавноста во ефективноста на ЕТС“, се вели во документот.
Во него се додава дека транспонирањето на делови од овие законски обврски е направено со Предлог-законот за климатска акција во кој се предвидува Поглавје за МРВА и се остава простор за донесување подзаконски акти.
Нацртот на Законот за климатска акција тековно предвидува активности за барањата на дозволите за емисија на стакленички гасови – за индустриски инсталации – и обврските за следење и известување според одобрениот план за мониторинг кој се однесува и на индустриските активности и на авијацијата. Ова ќе помогне да се идентификуваат емисиите на стакленички гасови во земјата од овие сектори. Она што законот сè уште не го воспоставил е режимот за доделување дозволи за емисиите на стакленички гасови и учеството во трговијата со дозволи на ниво на ЕУ. Овие правила мора да бидат воспоставени и тие мора да бидат во сила и да функционираат на датумот на пристапување, се посочува во документот.
Неодамна, нa прес конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски рече дека таксата за ЦО2 ќе претставува сериозен товар за домашната економија, и се заложи за одложување на оваа мерка или пак, доколку се примени, да се побара финансиска помош од Европската комисија, слично како што ја добиваат и земјите членки на Унијата.
„Треба да се направат анализи дали воопшто е потребно тоа драстисчно да започне од 1 јануари 2026 година за нашиот регион, имајќи предвид дека домашното производство на електрична енергија во Македонија, во БиХ, во Србија, во Косово и во Црна Гора се базира пред се на термоелектраните и тоа би претставувало сериозен притисок врз самите економии. Имаме речиси повеќе од една година кога треба отворено со анализи да дискутираме и со претставниците на ЕУ, за начинот кога и како да се применат овие обврски од страна на земјите во регионот“, изјави Бислимоски.
Од РКЕ за „Независен“ велат Македонија доцни со енергетската зелена транзиција.
„Иако се повеќе имаме капацитети од обновливи извори, сепак, сржта на енергетскиот систем го сочинува РЕК ‘Битола’ со своите три блока. Иако тие имаат потешкотии со функционирањето, сепак засега се незаменливи околу обезбедувањето на стабилен извор на електрична енергија за граѓаните и фирмите, а во исто време и доволно евтина за да немаме ценовни шокови. Но, се наближува крајот на евтина струја од РЕК ‘Битола’“, велат од Регулаторната комисија за енергетика.
Според нив, проблемот е дека Македонија ќе мора да плаќа еколошка такса ако произведува електрична енергија од јаглен, односно ќе плаќа за производи кои за да се направат, користеле енергија која испуштила ЦО2 во атмосферата. Оваа давачка во моментов е од 70 до 80 евра од мегават час.
„Ова значи дека од јануари 2026 без да има било каква корекција на цената на струјата што се произведува во РЕК ‘Битола’, која сега е околу 60 евра по мегаватчас, ќе имаме драстично зголемување од над 100 отсто. Ова значи дека ќе влијае на цената, а од друга страна РЕК ‘Битола’ и ЕСМ нема да имаат никакви директни придобивки од ова зголемување на цената“, посочуваат од РКЕ.
Ова е давачка на ЕУ и ако сакаме да извеземе во неа, сите производи кои имаат електрична енергија од РЕК „Битола“ и од останатите термоцентрали во државава, ќе се оптоварат за 70 до 80 евра по мегават час. Компаниите и државава имаа три години да се прилагодат на оваа нова давачка. Засега, не се знае до каде е сево ова.
Од РКЕ објаснуваат дека станува збор за јаглеродна такса (давачка со која се оданочува производството на јаглероден диоксид) која е на сила кај земјите членки во ЕУ. Оваа такса ќе стапи на сила на 1 јануари 2026 година за земјите кои не се членки на ЕУ и ќе почнат да плаќаат јаглеродна такса преку механизмот за јаглеродно даночно прилагодување, при извоз во ЕУ.
„Идејата е мотивирана од зачувување на животната средина, но и за обезбедување на фер плеј услови за сите учесници на европскиот пазар кои ги нудат своите производи. Струјата може да е производ сам по себе, но секако е доминантен учесник во формирањето на финалната цена на најголем број од производи кои се извезуваат. Па така, земјите кои до сега ја немаат оваа такса, се сметаат за поконкурентни на пазарот, од оние учесници кои ја плаќаат“, посочуваат од РКЕ.
Целта, како што додаваат, е да се поттикнат инвестиции во енергетиката од обновливи извори – а да се намали производството на струја од јаглен. На тој начин пласираните производи ќе немаат дополнителен трошок.
Од РКЕ велат дека механизмите преку кои може да се влијае за да се амортизира притисокот се генерално стратешки политики на делување во два сегменти: прво, намалување на трошоците за производство на електрична енергија (но треба да се има во предвид дека станува за капацитети кои работат 40 години – како РЕК „Битола“), и второ, инвестиции во нови постројки (од обновливи извори и когенаративни постројки).
„Инаку, енергетската криза како и ковид кризата влијаеше да земјите на ЕУ ги рестартираат затворените постројки на јаглен со цел да обезбедат поголема автономија во производството и снабдување со електрична енергија, односно да ја намалат увозната зависност. Земјите од регионот доминантно се зависни од струјата произведена од јаглен. Неодамна на регионален состанок во Црна Гора, регулаторите од регионот го покренаа ова прашање и се со иницијатива да се заземе заеднички став и координирано да се делува“, велат од РКЕ.
Очигледно е дека иако рокот за примена на таксата за ЦО2 се наближува, има уште многу работи што треба да се завршат, но исто така има и многу отворени прашања.
Енергетичарите, во меѓувреме, ја поедноставуваат дилемата и велат: Ако сакаме чиста околина, треба да сме подготвени да платиме соодветна цена, во спротивно мора да се помириме дека ќе дишеме загаден воздух, а животната средина ќе биде онаква каква што е. Со сите последици врз животот и здравјето на луѓето.
Со овој текст, „Независен“ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.