Дали се менува картата на Европа – една земја ја губи својата независност? „Не можеме да преживееме вака“


Молдавската претседателка Маја Санду изјави дека ќе гласа за обединување со Романија доколку прашањето некогаш се постави на референдум и рече дека на нејзината земја ѝ е сè потешко да „преживее“ независно.

Со население од околу 2,4 милиони луѓе сместени меѓу Романија и Украина, Молдавија стана цел на руска хибридна војна, вклучувајќи кампањи за дезинформации и манипулации на избори, пишува Politico.

„Да имавме референдум, би гласала за обединување со Романија“, рече Санду, која ја предводи проевропската влада во Кишињев, во гостување во британскиот подкаст „Остатокот е политика“.

„Погледнете што се случува околу Молдавија денес. Погледнете што се случува во светот. Станува сè потешко за мала земја како Молдавија да преживее како демократија, како суверена земја и, секако, да ѝ се спротивстави на Русија.“

Молдавија беше дел од Романија од 1918 до 1940 година, кога беше анексирана од СССР, пред да прогласи независност во 1991 година по падот на Железната завеса.

На референдумот во 2024 година, тесно мнозинство Молдавци – 50,4 проценти – гласаа за членство во ЕУ, гласање нарушено од руското мешање. Санду беше повторно избрана за претседател на паралелно гласање со околу 55 проценти од гласовите, победувајќи го својот проруски противник.

И покрај тоа што изрази лична поддршка, Санду додаде дека идејата за повторно обединување со Романија не е поддржана од мнозинството во Молдавија – за разлика од приклучувањето кон ЕУ, за кое земјата аплицираше во 2022 година, што таа го нарече „пореална цел“.

Анкетите покажуваат дека околу две третини од Молдавците се противат на повторното обединување, додека поддршката е традиционално поголема во Романија.