Дали политичките верувања се детерминирани и од генетиката? Еве што покажа една нова студија


Како се формираат личните политички убедувања? Дали тие се резултат на детството, претходно постоечките верувања или околностите во кои сме израснати? Дали сѐ е прашање на социјализација или природата игра улога преку ДНК? Каде е мозокот во сето ова?

Во последните 50 години, научниците сериозно ги истражувале корените на политичките верувања, поттикнати од подемот на социобиологијата. Проучувањето на биолошката основа на политичките верувања е овозможено со современи средства, како што се скенери на мозокот и секвенционери на гени. Тоа е растечко поле, но истражувањето на биологијата во однесувањето никогаш не е лесно.

Ова го потврдува студијата објавена минатата недела. Имено, истражувачите во Грција и Холандија испитале речиси 1.000 Холанѓани со магнетна резонанца, кои одговориле на прашалник за нивните политички убедувања.

Студијата ги следеше резултатите од малата студија од 2011 година нарачана од актерот Колин Фирт. Истражувањето од 2011 година покажа дека постојат структурни разлики помеѓу мозокот на конзервативната и либералната личност. Поконкретно, беше откриено дека конзервативците имаат поголема амигдала во просек, делот од мозокот поврзан со перцепцијата на заканата, а либералите во просек имаат поголем преден сингуларен кортекс, делот од мозокот поврзан со донесувањето одлуки.

Но, најновата студија, која опфати Холанѓани, не забележа дека либералите имаат поголема предна цингулатна кора. Сепак, беше забележано дека конзервативните поединци имаат малку поголема амигдала.

Вреди да се обрне внимание на забележаните разлики. Коавторот на студијата Стивен Шолте од Универзитетот во Амстердам открил дека амигдалата на конзервативците е, во просек, поголема од амигдалата на либералите за едно семе од сусам. Оваа разлика е три пати помала од онаа што беше откриена во истражувањето од 2011 година. Истражувачите посочија дека на резултатите од студијата треба да се пристапи со голема претпазливост за да се избегне поттикнување заблуди и стереотипи.

Па што значи тоа? Дали оние со поголема амигдала се чувствуваат позагрозени и затоа имаат тенденција кон конзервативизам или конзервативците се чувствуваат позагрозени и затоа имаат малку поголема амигдала? Водечкиот автор на студијата Дијамантис Петропулос Петалас нагласи дека е невозможно да се знае која е причината, а која е последицата.

Јасно е дека социјалното опкружување најмногу ги обликува политичките убедувања. Овие верувања можат да се појават во детството, особено кога децата имаат политички ангажирани родители или старатели. Идеологијата на поединецот продолжува да се обликува со образование и созревање. Како што пишува Гардијан, високото образование е постојано поврзано со полиберални верувања, особено за прашањата за имиграцијата, човековите права и родовата еднаквост.

Можеби најинтригантната улога е генетиката. Студиите за близнаци покажаа дека идеологијата е 40 проценти наследна. Тоа не значи дека 40 отсто од политичките убедувања се обликувани од генетиката, а 60 отсто од надворешни фактори.

„Тоа навистина ви кажува до кој степен разликите меѓу луѓето се обликувани од генетски фактори“, вели политикологот Арон Вајншенк, професор на Универзитетот во Висконсин.

Имено, истражувачите не можеле да пронајдат „конзервативен“ или „либерален“ ген. Наместо тоа, како што истакна Тобиас Едвардс од Универзитетот во Твин Сити во Минесота, гените работат индиректно, а улога има и тоа колку некој е образован, колку заработува, како и интелигенцијата.

„Не треба да очекуваме дека постои специфичен ген за либерализам или конзервативизам, но генетиката индиректно влијае на други особини“, објасни Едвардс.

Тој и неговите колеги најавија претходно оваа година дека генетиката може да се користи за предвидување на политичките наклонетости, истакнувајќи дека прашањето за партиската припадност е многу посложено прашање. Тој истакна дека меѓу извонредно интелигентните има и десничари и левичари.