Дали отпуштањата во технолошките компании се предупредување за пошироката економија?


Последниве месеци испорачаа многу најави за кратења на работни места во некои од најголемите и најбогатите американски компании.

Само минатата недела, „Амазон“ соопшти дека ќе отпушти 18.000 работници, или 6 отсто од нејзиниот канцелариски персонал, додека фирмата за бизнис софтвер „Сеалсфорс“ (Salesforce) соопшти дека ќе ја намали својата работна сила за 10 отсто, или приближно за 8.000 луѓе.
Тоа уследи по најавите од десетици други фирми, вклучително и големи имиња како „Мета“, сопственик на Фејсбук, Ватсап (WhatsApp) и Инстаграм, хардверскиот тешкаш „Циско“и платежната компанија „Страјп“ (Stripe).

И покрај стегањето на ременот забележано во Силиконската долина, најголемата економија во светот продолжува на патот на растот.

Работодавците во САД отворија нови 223.000 работни места во декември, според најновите официјални податоци. Иако тоа беше побавно од добивките забележани во 2021 година, кога активноста се врати во живот по пандемијата, сепак беше силна според повеќето стандарди.
Стапката на невработеност падна на 3,5 отсто, враќајќи се на историски најниско ниво.

Знак за предупредување?

Нашироко се предвидува дека економијата ќе забави во наредните месеци бидејќи растот на цените влијае на потрошувачката. Фирмите, исто така, се борат со повисоки трошоци за задолжување, откако американската централна банка брзо ги зголеми стапките минатата година.

Значи, дали намалувањата во технолошката индустрија се предупредувачки знак за другите?
„Мислам дека луѓето не треба да бидат загрижени“, вели Јулија Полак, главен економист на сајтот за вработување „Зип рекрутер“ (ZipRecruiter). „Она што го гледаме во моментов се чини дека е… корекција, а не почеток на застрашувачка, систематска рецесија“.

Многу технолошки директори кои ги објавуваат најавите го обвинија преголемото вработување за време на пандемијата, кога повеќе активности се префрлија на интернет и бизнисот цветаше.
Финансирањето за помали старт-ап, исто така, пресуши поради повисоките каматни стапки и остриот пад на американската берза во 2022 година. Големите удари што некои фирми ги направија од распадот во крипто-секторот не помогнаа ниту на расположението.

Џо Брусуелас, главен економист во консултантската компанија РСМ, вели дека бранот на отпуштања во технолошките компании претставува „неопходно и очекувано“ прилагодување по периодот на брз раст, делумно поттикнат од ниските каматни стапки, што кулминираше во пандемиијата.

„На ерата на вишок ѝ дојде крајот“, рече тој.

Фирмите и поединците треба да бидат подготвени да ги ресетираат очекувањата за раст, вработување и инвестиции во она што и понатаму е многу солидна индустрија“.

Тој посочи дека технолошките фирми повеќе нема да бидат изолирани од подеми и падови во пошироката економија, вклучувајќи ги очекуваните падови во Европа и Велика Британија оваа година.

Но, тој додаде дека загубите на работни места не треба „претерано да се толкуваат“, истакнувајќи дека многу од погодените работници, барем во САД, се чини дека брзо наоѓаат нови работни места.

Последниот извештај за работни места од Одделот за труд покажа дека платните списоци во информатичкиот сектор – кој вклучува голем дел од технолошката индустрија – се намалиле за само 5.000 од ноември до декември. Тоа е и покрај тоа што илјадниците кратења на работни места беа објавени во последните месеци и во споредба со пред една година, вработеноста е зголемена.

„Тоа е веројатно канаринец во рудникот за јаглен за глобалната економија повеќе отколку за американската економија“, додаде тој, истакнувајќи дека многу од технолошките намалувања го погодија странскиот персонал.

Минатата недела, шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, предупреди дека една третина од светот најверојатно ќе биде во рецесија во 2023 година. Тоа ќе им наштети на технолошките фирми, од кои повеќето имаат големи бизниси во странство.
Но, засега, американскиот пазар на труд остана неочекувано отпорен, што ги натера некои да се надеваат дека земјата ќе може да се одбрани од суровата криза, и покрај тоа што централната банка ги зголеми каматните стапки во обид да ја олади економијата и растот на цените.

Речиси секој сектор во американската економија додаде работни места минатиот месец, при што баровите и рестораните, здравствените фирми и градежните бизниси помогнаа да се поттикнат придобивките.

Иако загубите на работни места се зголемуваат – особено во секторите ранливи на повисоки каматни стапки, како што се домувањето, банкарството и технологијата – бројките севкупно останаа блиску до историски најниско ниво минатата година, рече Ендрју Челинџер, виш потпретседател во „Челинџер, Греј и Крисмас“, кој ги следи таквите објави од 1990-тите.
„Гледаме ладење на пазарот на трудот“, вели тој. „Тоа е забавување, но мислам дека во овој момент не би можел да кажам дали е или не е панична ситуација“.

Џефри Фафер, професор на Факултетот за бизнис на Универзитетот Стенфорд, вели дека е загрижен дека многу од најавите за отпуштања го рефлектираат притисокот од колегите, бидејќи директорите се чувствуваат принудени да копираат други фирми што прават кратења – дури и кога тие продолжуваат да остваруваат здрав профит.

Ако тоа чувство се прошири, како што тој очекува, ризикува да ги претвори прогнозите за економски тешкотии во реалност.  („Бизнис метерс“)