Дали Офицерски во Битола станува „село без кучиња“  

Кој сѐ може кога ќе посака да влегува во гордоста на Битола. Како еден советник од општинскиот Совет се најде на балконот на Офицерски на Нова година


Советникот од владејачкото мнозинство, Иван Чулакоски, со семејството на балконот на Офицерскиот дом ноќта на Нова година

 

БИТОЛА – Советникот од независната листа на „Поинаку“, Иван Чулакоски, кој во Советот на Општина Битола е дел од владејачкото мнозинство, на дочекот на Новата година се фотографирал со своето семејство на балконот на реконструираниот Офицерски дом, додека битолчани прославуваа под ведро небо околу домот во дворот. Посакувајќи им на битолчани среќна Нова годна Чулакоски објавил и видео од птичја перспектива покажувајќи ја атмосферата и новогодишниот огномет, долу под него. За ова фотографија Чулакоски добил неколку стотици лакјови.

Дел од реакциите на битолската јавност до медиумите беше дали секој може да се фотографира во Офицерски без да плати. Дали велелепниот објект станува „село без кучиња“?

Но, сѐ ќе беше убаво во оваа негова честитка ако немаше протокол, според кој за користење на Офицерскиот дом си има пропишано правила и тарифник. Па не може секој што ќе посака да влезе внатре, да се шета, да се фотографира, да снима видео и да ги користи просториите без надомест.

Според ценовникот на услугите на ЈОУ Културен и информативен центар Битола, кој се грижи за Офицерски стои дека користење на салите и платото за фотосесија е 4.000 денари за еден час.  Користење на платото и салите за видео запис е 5.000 денари за час. Користење на платото и салите за видео запис за комерцијална примена е 7.000 денари за еден час.

Првиот човек на културната установа која се грижи за Офицерскиот дом во Битола Сандра  Котевска во телефонска изјава за „Независен“ се обиде да го минимизира потегот на Чулакоски велејќи дека направил само селфи. Но таа немаше одговор на прашањето дали Чулакоски си платил за фотографирањето со фамилијата.

„Ја видов фотографијата, тоа не е фотосесија туку селфи. Инаку беше во просторот ги местеше украсите на балконот. Инаку, да – има ценовник. Ќе се консултирам“, рече таа и инсистираше на тоа дека не е класична фотосесија.  

„Се слушнав со Иван и го прашав, тој ми се јави вечерта. Донираше 200 балони и како дел од организација тој беше дел од настанот ‘Зимска приказна’ сакаше лично да донира. И во моментот во 12 часот на полноќ се качи горе и ги пушти балоните од балконот“, вели директорката.

За тоа како се нашло неговото семејство на балконот таа вели:

„Па, ете, ги зел со него. Мислам дека ова не е некој проблем и причина за расправија“, вели директорката Котевска.

За потегот на Чулакоски побаравме одговор и од Општина Битола  дали ја одобруваат постапката на  советникот Чулакоски со оглед на фактот што шестдневниот настан во Офицерскиот дом во Битола  беше под палката на Општина Битола. Но до завршувањето на работното време на Општината не добивме одговор.