„Дали нашето време е мртво за поезија или пак таа е мртва за него“ : Пендаровски се обрати во УНЕСКО


Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, денеска се одржува целодневна програма во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов.

Настанот е дел од Националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

– Прославуваме два големи јубилеи. Сто години од раѓањето на знаменитиот македонски поет Ацо Шопов и 30 години од македонското членство во УНЕСКО. Овие исклучително значајни пунктови во нашиот социо – културен развој нѐ потсетуваат дека задачата на уметникот отсекогаш била да поставува критички прашања во светот и за светот и времето во кое живее. Книжевниот корпус на нашиот великан Ацо Шопов е парадигма за тоа дека поезијата и севкупната уметност не припаѓа само на естетското, туку е длабоко вкоренета во етичкото и хуманото, истакна во обраќањето Пендаровски.

 

Тој се осврна и на денешното време и на вештачката интелигенција што може да создаде текстови што имитираат големи книжевници.

– Дали ова време што го живееме и чии граници човештвото ги раширува фантастично смело и фантастично брзо, не е и време што ја убива поезијата? Ова е време на научни достигнувања, што ја оставаат зад себе и најсмелата и најбогатата фантазија. Време на технички чуда и роботи што можат за неколку мига да напишат песна што ќе ги задоволи сите естетски барања. Дали нашето време е мртво за поезија или пак таа е мртва за него? Со овие зборови, Ацо Шопов ги отвори првите струшки вечери на поезијата во далечната 1962 година. Далечна, а сепак блиска, затоа што додека зборуваме, алгоритмите на вештачката интелигенција веќе генерираат текстови што ги имитираат големите книжевници. Шумот на социјалните мрежи и медиуми ја нарушува тишината неопходна за уметничко промислување и согледување на светот, рече Пендаровски.

Во рамките на програмата, со што се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 март, ќе биде соопштен лауреатот на „Златниот венец“ на годинашното, 62. издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, што се доделува во соработка со УНЕСКО.

Република Северна Македонија е членка на УНЕСКО од 1993 година.